Општина Карпош заедно со Сојузот на борците ги одбележаа 78. години од формирањето на Првиот скопски партизански одред.

Пред спомен обележјето, во Карпош 3, делегации на Општина Карпош, Град Скопје  од здруженија на граѓани и политички партии оддадоа почит кон оние кои го дале својот живот за слободна држава.

Пред присутните се обрати и градоначалникот Стефан Богоев, кој напомена дека ќе продолжи добрата соработка со Сојузот на борците, затоа што овие луѓе заслужуваат почит од целата заедница.

 

–                    Задоволство ми е што периодите од НОБ ги празнуваме заедно: институциите, граѓаните, Сојузот на борци. Зад нас го оставивме периодот на поделби и времето кога Сојузот на борците беше на маргините на нашето општество, нејзините претставници шиканирани, а сите ние претставувани како непријатели. Оние кои во крвта ја носеле и ја носат каузата дека „слободата е единствена алтернатива“ се вистинските патриоти на нашата татковина.

Како најмлад градоначалник, чест ми е да зборувам пред претставници од Сојузот на борци, пред луѓе кои посведочиле голем број на историски настани и случки. Од Вашето искуство и од Вашата мудрост учиме секојдневно, рече Богоев.

 

Пред присутните граѓани се обрати и Проф. д – р Трајко Стаматовски, претседател на Градскиот одбор на Сојузот на борци. Тој сподели повеќе историски факти, говореше за биографиите на дел од членовите на Првиот скопски партизански одред: Дане Крапчев, Невена Георгиева – Дуња, Васил Антевски – Дрен, Роберт Гајдиќ, Раде Јовчевски – Корчагин и други.

Локалната самоуправа и во претстојниот период ќе продолжи да го негува споменот на борците од Народно ослободителната борба (НОБ) и со должна почит да се однесува кон нашето минато.