ОДБЕЛЕЖАНИ 80 ГОДИНИ ОД ПОБЕДА НАД ФАШИЗМОТ
- мај 9, 2025
- 0
Делегација на Општина Карпош предводена од градоначалникот Стевчо Јакимовски, Секретарот Весна Стефанова и претставник на општинската администрација, денеска положија свежо цвеќе пред споменикот на Првиот скопски партизански одред во населбата Карпош 3, во рамки на манифестацијата која ја организираше Сојузот на борци на Македонија – Карпош (СБМ), по повод одбележување на Денот на победата над фашизмот. На денешната свеченост, пред паметникот се поклонија и положија цвеќе, делегациите на Сојузот на Борците на Македонија, Здружението на ветерани и резервисти на одбраната и безбедноста, здруженија на пензионери, Организацијата на жени од општина Карпош, делегации на политички партии, како и делегација на компанијата Anti Aging Center.
Во оваа пригода пред присутните се обрати првиот човек на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој потсети на големата жртва која ја даде нашиот народ за својата независност.
- Кога зборуваме дали било тешко, јас морам да кажам дека им се восхитувам на овие луѓе кои што речиси голорaки тргнале да се борат против тогашната држава која била под окупација. Тие успеаја да не донесат до победата, не само да славиме дека сме го победиле најголемото зло на 20-тиот век а можеби и на човештвото, тоа е фашизмот, туку успеаја да ни донесат држава во која што ние говориме и пишуваме на мајчин јазик. Ние секогаш како мал народ, но и како општина која го носи името на славниот Карпош, безкомпромисно ќе бидеме против било какви идеи на неофашизмот. Ќе бидеме против било какви идеи за историски ревизионизам, да застанеме на нивна страна, тоа значи повторно да го посакаме Бирхенау, Дахау, да ја посакаме Треблинка, да го посакаме Аушвиц, Јасеновац и други логори на смртта. Во името на големата победа што ја постигна и нашата армија на чело со Михајло Апостолски, да потсетам дека ние се ослободивме сами, додека други силни и високи офицери ослободуваа други држави, ние овде сами се ослободувавме. Точно дека сме млада држава ама полека но сигурно ќе дојдеме до првиот век. Нека ни е честит Денот на победата, нека живее нашиот Карпош – истакна Јакимовски.
Денешната манифестација со својот настап ја збогатија членовите на хорот „Серенада“, а основците од Карпош се претставија со бравурозните изведби на драмска претстава како и на безвремените стихови на познати македонски поети и писатели. По прекрасниот настап на играорците од фолклорниот ансамбл „Етнос“, беа доделени благодарници и пофалници на најдобррите ученици кои учествуваа на литературно – ликовниот конкурс кој го организираше СБМ – Карпош, на тема „Мојот патрон име за љубов и почит“.