Покрај тоа што Агенцијата за млади и спорт најавуваше дека ќе и ја предаде на Општина Карпош култната сала „Партизан“, како сосема нов, современо реконструиран и целосно опремен спортски објект, сепак очекувањата не се исполнија во целост. По тој повод градоначалникот Стевчо Јакимовски, денеска направи обиколка на објектот, каде годинава за првпат основците од Карпош ќе ја користат оваа сала, во рамки на пролетниот дел од училишните спортски лиги во кошарка и одбојка, кои традиционално ги организира Општината.

 

  • За жал, можам само да констатирам дека Агенцијата за млади и спорт ни ја даде спортскава сала буквално празна, без било каков реквизит. Долго време разговаравме и со претходното раководство како и со сегашниот министер за спорт, но без успех. Затоа, ние како локална самоуправа распишавме тендер и со 1.060.000 денари купивме два нови централни кошови, фудбалски голови, мрежа за одбојка, рипстоли, ги опремивме соблекувалните со нови клупи и други реквизити. Во исто време морам да кажам дека имаме делови од објектот каде веќе се појави и влага, што значи дека салата е изработена неквалитетно. За ова го известивме и сегашниот министер за спорт, но оттаму немаме никаков одговор – посочи Јакимовски.

 

Тој напомена дека спортската сала нема вистински услови да функционира од аспект на тоа што објектот не е приклучен на никаков систем за греење, а не се обезбедени ни радијатори ниту пак други грејни тела.

 

  • Во ситуацијава, никој не нѐ прашува дали Општината има пари за оваа намена или нема. Сепак ние како институција ќе мора самите да најдеме решение и да ги обезбедиме тие дополнителни средства. Но, она што за нас е особено важно е изведувачот кој го реконструирал објектот, да го остави во состојба да биде одржлив барем во наредните три до четири години. Тоа значи, да не протекува вода во објектот и да не се појавува влага, каква што е состојбата во случајов. А пак да не зборувам за базенот во рамки на спортскиов центар, кој веќе неколку години стои недовршен – додаде Јакимовски.