Со хорска изведба на химната на училиштето и инспиративен рецитал за подвигот на Вера Циривири – Трена, народен херој од Народноослободителната борба, основното училиште “Вера Циривири – Трена”, во Карпош 2, го одбележа патрониот ден, 55 години од своето постоење и занимавање со воспитно едукативната дејност.

Денот на училиштето се одбележа со повеќе настани, во рамки на училишниот двор, со повеќе уметнички перформански, ликовно катче во кое уметници цртаа, а талентирани ученици од училиштето синхронизирано танцуваа, во духот на музиката која суптилно се слушаше во позадина и движењата на ликовните четки.

 

На Денот на училиштето присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, кој на наставниот кадар, учениците и родителите им го честиташе јубилејот, како и  убавиот и современ концепт за одбележување на Денот на училиштето.

 

Во неформален разговор со присутните, Богоев напомена дека негова заложба е да се унапреди основното образование, не само преку инфраструктурни проекти туку и содржински да се надгради, со нови начини на учење и развивање на вештините на најмладите.

 

Исто така, на вчерашниот настан, учениците имаа подготвено и повеќе ритмички точки, stand up дел, како и претстави инспирирани од секојдневниот живот, на теми за односот меѓу родителите и децата, како и влијанието на социјалните мрежи врз младата популација.