44. ГОДИНИ КАРПОШ ВО ЗНАКОТ НА ХУМАНОСТА, ЕКОЛОГИЈАТА И КРЕАТИВНОСТА
- октомври 27, 2020
- 0
Во пресрет на 03. ноември, кога ќе се одбележат 44. години од формирањето на Општина Карпош, локалната самоуправа започнува со организирање на традицоналните „Денови на Општина Карпош“. Преку низа активности ќе се симболизира постоењето на Општината како сервис на граѓаните.
Во претстојните седум дена е предвидено да се реализира есенската акција за засадување на нови дрвја, крводарителска акција и дарување на социјални пакети.
Учениците од основните училишта ќе имаат можност да пишуваат литературни творби и да цртаат на различни теми, во пресрет на Денот на општината. Најдобрите цртежи и состави ќе бидат и парично наградени.
Оваа недела ќе се врачи и признанието за заслужен граѓанин за 2019 година, а Советот на Општина Карпош, на седница ќе номинира и заслужен граѓанин за 2020 година.
„Деновите на Општина Карпош“ ќе финализираат со викенд – акција за отстранување на несоодветни натписи и графити. Станува збор за пароли кои стимулираат меѓуетничка нетолеранција или говор на омраза, со што се нарушува ликот на населбите.
На 03. ноември, одбележувањето на Денот на општината ќе заврши со свечена седница на Советот на Општина Карпош, која е планирано да се одржи на отворено, на просторот на Спортско – рекреативниот центар во Карпош 3, во ООУ „Лазо Трповски“.
Сите активности е предвидено да се реализираат со почитување на протоколите за организација на настани и со придржување до мерките за заштита од Ковид – 19.