Тричлена делегација од Општина Карпош предводена од Секретарот на локалната самоуправа, Неделчо Крстевски, денеска му оддаде почит на националниот херој Гоце Делчев, положувајќи свежо цвеќе пред неговото вечно почивалиште во црквата „Св. Спас“ во Скопје. Пред ликот на Делчев се поклонија и бројни делегации, составени од претставници од политичкиот, дипломатскиот и културниот свет, на тој начин одбележувајќи ја 151.годишнината од раѓањето на македонскиот револуционерен големец.

Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш и за нашиот народ претставува своевиден визионер, бидејќи се јавува како еден од најактивните организатори на национално – ослободителното движење од крајот на 19. и почетокот на 20. век.  Тој е исто така и идеолог, учител и најзначаен раководител на Македонската револуционерна организација.