Младите од Карпош сакаат да бидат вклучени во сите процеси на одлучување и дејствување на локално ниво. Високи 60 % од нив сметаат дека можат да понесат лична одговорност, и со ангажман и акција да променат нешто. Исто така, 53 отсто од младите досега имаат волонтирано, а мотивација за тоа е што сакаат да помогнат на поединец или на група на луѓе.
Ова го потврдува истражувањетo: „Потреби на младите на локално ниво – младински локални банки“, подготвено од младинската организација „Младите можат“, кое беше поддржано од Амбасадата на САД во Скопје.
Во општина Карпош со истражувањето беа опфатени 168 млади луѓе, а организацијата „Младите можат“ вклучи и фокус група, со цел да се добијат уште порелевантни одговори.
Оваа публикација претставува и основа на локалната самоуправа во креирањето на следните политики и активности во врска со младите луѓе.