2700 МЛАДИ КАРПОШАНИ ДОБИЈА БЕСПЛАТЕН ОЧЕН ПРЕГЛЕД
- јуни 27, 2018
- 0
Во Општина Карпош финишираше проектот за проверка на видот, во чии рамки беа опфатени основците од сите десет училишта, а во подоцнежната фаза и дечињата од сите градинки на територија на локалната самоуправа. Бесплатните превентивни очни прегледи ги спроведе Lions Club Kale преку проект, кој е во соработка со Lions District 132 Club Македонија и USAID. Во периодот од декември, 2017 година до 1-ви јуни, 2018 година, прегледани се вкупно 2700 дечиња.
Примарна цел на овој проект е да се откријат евентуалните аномалии со слабиот вид кај најмладите уште во рана фаза и во тој случај, да се препорача посета на стручно медицинско лице – офталмолог, за понатамошен третман. Носител и иницијатор на овој проект е д – р Мики Филев, член на Советот на Општина Карпош.
Локалната самоуправа и во новата учебна година, интензивно ќе работи на зголемување на детската заштита. Овозможувањето на подобри услови за престој и едукација во воспитно – образовните установи е приоритет на кој се работи преку различни проекти – дел од буџетските програми на Општината, но и преку соработка со други чинители, кои покажуваат општествена одговорност и грижа за локалната заедница.