10 ГОДИНИ СЛАТКА ХУМАНОСТ
- февруари 27, 2016
- 0
Хуманоста во Општина Карпош стана традиција. Вечерва, потрошувачите во Т.Ц. „Скопје Сити Мол“ имаа можност да се релаксираат гледајќи го големиот избор на торти, изработени од врвни професионалци но и аматери. По тој повод, Општина Карпош по втор пат е домаќин на „Слатка мистерија 2016“, овој пат десетта јубилејна манифестација, позната како тортијада. Станува збор за хумана акција која е иницијатива на хуманитарната организација ХОА „Ангелчиња“, а локалната самоуправа е организатор на истата.
-Ова што вечерва се случува во Т.Ц. „Скопје Сити Мол“ е изложбениот и натпреварувачкиот дел, а подоцна во хотелот „Гранит“, пред голем број присутни гости од скопските општини и бизнисмени од територија на Карпош, ќе се одржи лицитација за продажба на најуспешните торти. Парите собрани од аукцијата ќе бидат наменети за хумани цели, овој пат како финансиска поддршка на наша сограѓанка од наслебата Влае, самохрана мајка која е во тешка здравствена состојба – истакна претседателот на Советот на Општина Карпош, Сашо Лазаровски.
Оваа година на манифестацијата учествуваат 25 аматери – изработувачи на торти и 19 професионалци од седум скопски општини и тоа: Карпош, Сарај, Бутел, Ѓорче Петров, Кисела Вода и Гази Баба. Меѓу нив, само од Карпош, за најдобра торта ќе се натпреваруваат шест аматери – мајстори за торти и еден професионалец.
Големиот број на различни и шарени торти ја покажува заинтересираноста на мајсторите за слатки кои неуморно и со големо задоволство ги изработија комплицираните слатки задоволства.
-Заинтересираноста за учество на тортијадата беше огромна уште пред десеттина години, па се решивме да прераснеме во хуманитарна организација која ќе биде од ваков карактер. Тортите се најголемо задоволство на секој човек, па така, направивме акција каде ќе има забава и секако каде што граѓаните ќе можат да помогнат и да донираат финансиски средства, како еден хуман гест – заврши Мики Ангеловски, претседател на ХОА „Ангелчиња“.
Инаку досега, највисока донација од тортијадите е собрана на петгодишнината од оваа хумана акција, кога исто така беше домаќин Општина Карпош, каде беа собрани 165.000 денари и донирани на Јоце Блажевски, заболен од церебрална парализа. Оваа традиционална манифестација се организира секоја година и тоа во различна општина од Градот Скопје.