Цртежот на 11-годишната Јана Наумова од Скопје беше еден од малкуте наградени со First Award на конкурс организиран во Јапонија. Во конкуренција на речиси 10.000 цртежи од 83 земји, Меѓународниот ликовен детски конкурс беше организиран на темата „Човекот и природата“. Јана учествувала со цртеж што го имала создадено една година претходно.

Имено, Јана е ученичка во шесто одделение во скопското училиште „Димо Хаџи Димов“ во Карпош. Таа е ведро и упорно девојче со истражувачки дух, го сака сликањето, пишаниот збор, природните науки, но и одбојката.

 

Инспирација за цртање, на Јана и била нејзината братучетка, која поради неа започнала да се занимава со цртање. Таа накратко раскажа за својата опсесија, односно цртањето како нејзина најважна активност во моментов.

– Не бев сигурна во себе и се чувствував како да немам успех во тоа што го правам, но поддршката која ми ја даде моето семејство и блиски јас со многу труд, упорност и вежбање стигнав до полето каде што сум сега, а на почетокот ми изгледаше неостварливо и невозможно. Ова е поле на кое доживеав многу успеси и изненадувања. Мојот најголем успех досега е најновата награда која беше целосно неочекувана и пријатно изненадувачка. ,,Препорачано од Јапонија за Јана Наумова” гласеше насловот на среќната приказна на оваа награда и ова високо достигнување. Кога видов дека имам добиено прво место на Меѓународниот конкурс JQA подржано од  UNICEF во Јапонија ,не ми се веруваше, бев зачудена, а на среќата и немаше крај – вели Јана.

Наградата од Јапонија не е прва за Јана. Таа освоила прво место за цртеж во чест на деновите на италијанската кујна во организација на италијанската амбасада. Нејзинот цртеж бил награден со прва награда од Народна Банка, по повод деновите на штедење и 30 години од денарот. Прво место освоила и на конкурс за цртеж на Противпожарен сојуз на Скопје. На детскиот фестивал на пишан збор „Ракатки“ освои прво место за песничка, како и второ место на државниот натпревар по природни науки во 2023 година.

Несомнено е дека oпштина Карпош изобилува со талентирани ученици. Јана, а ние и посакуваме само успеси и достигнувања во понатамошните замислени цели.