Градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски денеска во својот кабинет ја прими седмоодделенката Лара Станчева од ООУ „Лазо Трповски“ која освои трето место на „Меѓународниот литературен натпревар за млади 2021“ во Токио и нејзиниот ментор Стефан Симовски.

Градоначалникот Јакимовски и честиташе на младата Лара за освоената награда и и посака многу нови успеси. Во знак на поддршка, во име на Општина Карпош тој и врачи Решение за исплата на финансиски средства, врз основа на одлуката на Комисијата за образование во Советот на општина Карпош.

 

Натпреварот на кој учествуваше Станчева со прозна лична творба во форма на есеј на тема „Смислата на животот“ е во организација на УНЕСКО и фондацијата ГОИ од Токио и се одржува во рамките на одбележувањето на „Деценијата на Обединетите нации за одржлив развој на образованието“.

Наградата е освоена во силна конкуренција на 28 217 учесници од 161 земја.

Овој глобален проект се реализира од 2020 до 2030 година и во него активно се вклучени сите земји-членки на УНЕСКО.