По повод 77 години од постоењето на УНИЦЕФ, вчера, во Кинотеката на Македонија, беше отворена изложба на дела од Живко Поповски- Цветин под наслов ,,Цвеќиња на мирот”.  Имено, тој со оваа изложба го одбележува и неговото 40 годишно цветно  творење, а Цветинова награда за мир  беше доделена на  ООУ,,Петар Поп Арсов”, за посебен придонес во мисијата ,,Цвеќе на мирот”.

Цветин, со оваа дејност се занимава уште од многу одамна. Во 1986 година имал изложба посветена на 40 годишнината на УНИЦЕФ на која подари 40 слики за Центарот за здравјето на детето во Варшава, потоа наредната година имал изложба посветена на младите спортисти во Загреб, на којашто подарил 30 Цвеќиња на мирот за најуспешните спортисти, како и изложбата во 1991 година во Домот на градежните работници која исто беше посветена на децата со порака за мир.

На настанот беседа одржа Јордан Плевнеш, а настапија Борис Трајанов во пијано придружба на Дарко Мариновски, како и Серафина Фантаузо и Драган Мијалковски. Изложбата е отворена од вчера, 11 декември – Денот на УНИЦЕФ, па се до петок, 15 декември.