Во рамки на планираните програмски активности на Секторот за развој на Општина Карпош, денеска во спортската сала на ООУ „Лазо Трповски“ се одржа крводарителска акција во организација на локалната самоуправа.  Веќе втора година по ред, иницијатор на оваа хумана акција е здружението ГАЛИЦКО, а истата се реализира во чест на карпошанецот диџеј Ицко, кој почина во време на корона пандемијата.  Инаку, ова здружение со седиште во Карпош и Галичник организира низа други настани од солидарен карактер.

Денешната акција во која учествуваат хуманите граѓани – крводарители, потоа, административците од Општина Карпош како и работниот персонал од детските градинки и основни училишта на територија на локалната самоуправа, започна во 9 часот и ќе трае до 17 часот попладне. Во таа насока Општина Карпош како општествено одговорна институција, изгради традиција на одржување на крводарителски акции уште од 2004 година, еднаш на пролет и на есен (по повод денот на Општината 3. ноември), на тој начин поттикнувајќи ги граѓаните да бидат хумани и да донираат крв.