ХУМАНИТАРНИ ПАКЕТИ ЗА 115 СЕМЕЈСТВА ОД КАРПОШ
- април 15, 2025
- 0
Во пресрет на Велигденските празници, Одделението за детска, социјална и здравствена заштита при Општина Карпош, традиционално ја организираше 33-тата хуманитарна акција „Да бидеме хумани за нашите соседи“. Во таа насока, својата солидарност ја покажаа најмладите карпошани од детските градинки и основните училишта, кои заедно со хуманите граѓани, претставници од Советот и општинската администрација, донираа прехранбени и хигиенски производи за семејствата од Карпош кои се наоѓаат во потешка материјална состојба.
Во оваа пригода, градоначалникот Стевчо Јакимовски се сретна и разговараше со своите сограѓани, при што им ги додели хуманитарните пакети.
- Оваа акција ја спроведуваме традиционално, два пати во годината, за Велигденските празници и по повод роденденот на општината. Покрај другото, на овие граѓани им помагаме и со еднократна парична помош еднаш на пролет и еднаш на есен, (на Денот на лицата со попреченост). Искрено се надевам и посакувам нашите сожители кои се наоѓаат во социјален ризик, набрзо да ја надминат оваа состојба. И покрај тоа што ова е обврска на државата, ние како локална самоуправа не ги забораваме нашите сограѓани и ќе сториме сé што е во рамки на нашите можности – посочи Јакимовски.
Во рамки на денешната акција беа поделени 115 хуманитарни пакети во урбаните заедници Карпош 2 и Влае 1, а дел од пакетите ќе бидат доставени до домовите на лицата кои поради попреченост, не беа во можност сами да ги подигнат.