Основците од „Димо Хаџи Димов“ го крунисаа првото место убедливо совладувајќи ги своите ривали од ООУ „Братство„ со резултат 5:1, во последното коло од училишните спортски лиги во фудбал за 2024/2025 година кои ги организира Општина Карпош. Со вкупно освоени 41 поен, екипата од Влае заслужено дојде до првата позиција на табелата, додека пак тимот на ООУ „Војдан Чернодрински“ со 37 поени го освои среброто. Годинава, третото место им припадна на фудбалерите од ООУ „Лазо Трповски“ со освоени 36 поени.

            На завршниот натпревар присуствуваше и градоналчалникот Стевчо Јакимовски, кој во оваа пригода ги додели индивидуалните и колективните награди на најдобрите играчи и најуспешните фудбалски екипи.

  • Навистина ми е драго што нашите ученици ни покажаа како треба да се однесуваат спортистите, во поглед на фер плеј играта и пожртвуваноста на теренот. Денеска победи екипата на „Димо Хаџи Димов“ а учениците со тоа му приредија една голема награда на својот наставник по физичко воспитување, господинот Борче којшто заминува во пензија. Ова претставува едно прекрасно испраќање на својот драг наставник кој воедно и за мене е еден драг човек, бидејќи ние се познаваме одамна. Притоа, сите ученици коишто го освоија првото место во рамки на училишните спортски лиги во кошарка, фудбал и одбојка (девојчиња), како и основците кои во својата категорија се прогласени за најдобри спортисти,  ќе бидат наградени на начин што Општина Карпош за нив обезбеди седумдневно летување во Грција. Јас на сите им посакувам успешно да ја завршат оваа учебна година и да се забавуваат што е можно повеќе на летниот одмор – додаде Јакимовски.

 

Инаку, за Најдобар голман беше прогласен Петар Стојковски од ООУ „Лазо Трповски“, најдобар стрелец е Филип Андоновски од ООУ „Христијан Тодоровски Карпош“, епитетот најталентиран играч заслужено го зазема Димитар Балиски од ООУ „Војдан Чернодрински“, а најдобар играч за 2024/2025 година е Огнен Сивевски од ООУ „Димо Хаџи Димов“. Покрај седумдневното летување во детскиот камп „Каливас“ во Грција, четворицата најдобри фудбалери добиваат од локалната самоуправа и еднократна финансиска награда во висина од 6.000 денари.