Во амфитеатарот на Универзитетот Скопје, денеска Советот на Општина Карпош заседаваше по 50-ти пат, каде советниците расправаа и полноправно одлучуваа по 35 точки кои се најдоа  на дневниот ред. Во таа насока, мнозинството на советници ги изгласаа  точките од областа на спортот. Имено, Општина Карпош ќе ги награди професорите-тренери од основните училишта како и индивидуално прогласените ученици спортисти, за постигнатиот успех во училишните спортски игри – Карпош 2024 година. Со оваа одлука се утврдува доделување на парични награди од кои тројца професори – тренери по физичко и здравствено образование  за освоено прво место на училишна екипа ќе добијат по 8.000 денари, тројца професори-тренери за освоено второ место ќе добијат по 6.000 денари, и тројца професори тренери за освоено трето место ќе добијат по 5.000 денари. Исто така, десет основци од Карпош кои се прогласени за најдобри спортисти во рамки на училишните игри, ќе добијат парична награда од Општината во висина од 6.000 денари.

Советот даде „зелено светло“ и за Предлог – Одлуката со која Општина Карпош ќе и додели еднократна финансиска поддршка во висина од 100.000 денари на Македонската спортско качувачка федерација,  која неодамна го организираше најголемиот натпревар во спортско качување „Атомска Мравка“, во рамки на алпинистичката карпа близу кејот на реката Вардар.

Финансиски ќе бидат наградени и општинските административци од Карпош кои воедно се членови на Синдикатот, за постигнатиот успех – севкупен победник на 29-те синдикални спортски игри кои се одржаа минатиот месец во Охрид. Со одлука на Советот, Општина Карпош исто така ќе му додели еднократна финансиска поддршка во висина од 150.000 денари на фудбалскиот клуб „Карев“,  за организирање на спортски настан и ревијален натпревар по повод одбележување на роденденот на клубот.

Претставниците на Советот ги разгледуваа и дебатираа за трите Предлог – Одлуки од областа на образованието. Имено, Општина Карпош ќе им додели финансиски средства во висина од 20.000 денари поединечно на сите десет основни училишта на нејзина територија, за одбележување на 1. септември – Денот на првачињата. Со овие средства, основните училишта ќе организираат соодветна забавна програма и активности по повод приемот на првачињата.

Со одлука на Советот, Општината ќе додели  на секое основно училиште на своја територија по 10.000 денари како поддршка на проектот за меѓуетничка интеграција во образованието (МИО). Училишните установи ќе ги искористат овие средства за разновидни обуки, органиирање на спортски игри, превоз, за поттикнување на соработката и дружење меѓу учениците од другите општински училишта во кои наставата се одвива на македонски и на други јазици кои се говорат во образовните установи. Општина Карпош традиционално ќе им додели финансиски средства во износ од 10.000 денари на 10 полуматуранти – првенци на генерација за учебната  2023 – 2024 година. Целта е основците да бидат наградени за нивниот успех и на тој начин да се мотивираат за напредокот во понатамошното образование.

Со одлука на Советниците од Карпош, локалната самоуправа ќе ги награди тројцата припадници од Полициската станица Карпош со 60.000 денари поединечно, кои на ден 30.01.2024 година по претходна пријава за повредено лице на падините на планината Водно, се упатиле кон тешко пристапниот терен и по половина час успеале да го пронајдат повредениот и веднаш да му укажат прва помош. Во координација со специјализираниот тим од ЕБР лицето е евакуирано до ГОБ „Св. Наум Охридски“, каде што се констатирани тешки телесни повреди но истите се соодветно третирани по што лицето е ставено вон животна опасност.                                                                                                                                                                                                                                                                             

На поддршка од советниците наиде и Едногодишниот краток Акционен план за 2024 година за спроведување на мерки и активности дефинирани со Локалниот еколошки акционен план (ЛЕАП 2). Имено, акцискиот план за 2024 година претставува предлог на мерки и активности кои се однесуваат на 17 клучни проблеми поврзани со заштита на животната средина, кои ги опфаќаат тематските области: вода, отпад, почва, бучава, енергетска ефикасност и климатски промени. За таа намена, во програмата за работа на Секторот за екологија и енергетска ефикасност од Општина Карпош за 2024 година е предвиден буџет во висина од 3.000.000 денари.

Мнозинска поддршка доби и Предлог – Одлуката за изработка на ЛЕАП 3 на Општина Карпош за периодот 2025-2030 година. За таа намена беше формиран локален комитет за развивање на ЛЕАП-от, кој е составен од претставници од општинската администрација, невладини организации, јавни претпријатија, како и стручни лица од државни институции. Притоа беа формирани седум различни работни групи кои се задолжени да работат во посебни области: енергетска ефикасност, воздух, отпад, почва и користење на земјиште, природа и биолошка разновидност, води, како и работна група за бучава емитирана во животната средина. Планот има за цел да ја вклучи и јавноста, како би се подигнала јавната свест при изготвување на ЛЕАП-от. На овој начин треба поефикасно да се идентификуваат проблемите и приоритетите во Карпош, од аспект на заштита и унапредување на животната средина.

Советниците дадоа поддршка за Предлог – Програмата за изменување и дополнување на Програмата за уредување на градежно земјиште за 2024 година, а исто така беше изгласана и Одлуката за прифаќање на донација од Друштвото за градежништво и услуги БАХАШ КОНСТРАКШН ДООЕЛ Скопје во висина од 767.000 денари. Станува збор за донација во вид на изработка на основен проект за дел од улици во УПС „Бардовци“, како и проектна документација за фекална канализација на тој потег.

Пред советниците беше темелно образложен и извештајот од теренската проценка на детските градинки и основните училишта која ја направија стручните лица од Одделението за заштита и спасување на граѓаните и материјалните добра при Општина Карпош. Според нивниот извештај, противпожарните апарати кои се наоѓаат во објектите се несоодветни, хидрантската мрежа е неисправна, а воочени се проблеми и кај нисконапонската електрична инсталација и  громобранската мрежа. Со оглед на оваа фактичка ситуација, градоначалникот и советниците од Карпош се договорија да изнајдат соодветно решение и преку низа проекти и донации да ја подобрат состојбата во воспитно – образовните установи.

Советниците ја изгласаа Одлуката за поставување на спомен-обележје на Сојузот на Борци на Општина Карпош – Скопје, според која локалната самоуправа се обврзува да дефинира локација на која ќе биде поставено спомен-обележјето и да плати одреден паричен надомест за изработка на истото.

Во рамки на денешната седница, советниците присуствуваа на  презентацијата на „Студијата за урбаната дендрофлора во општина Карпош – состојба во 2023 година“, како и „Физибилити студијата за формирање на општинско јавно – приватно партнерство, јавно претпријатие или трговско друштво за производство и дистрибуција на електрична енергија од фотоволтаични системи во општина Карпош“.

Во рамки на денешната седница Советот ги поддржа и Предлог – Одлуките за донесување на технички исправки за градежната парцела 2.520-а од ДУП за Градска четврт З 03, и за ГП 2.2.19 од ДУП Момин Поток.

Потребното мнозинство од советниците го доби и Предлог – Решението со кое се дава согласност од Советот на Општина Карпош, на Статутарната одлука за изменување и дополнување на Статутот на приватната детска градинка „Спирит весела дружина“ од Карпош.

Како последна точка, Советот ја одобри и Предлог – Одлуката со која се одобруваат термини за тренирање на женскиот одбојкарски клуб Фит Фан Волеј во рамки на спортската сала на ООУ „Христијан Тодоровски Карпош“ за учебната 2024/2025 година, по што беше исцрпен и дневниот ред на денешната седница.