Со организирање на богата културно – уметничка програма, основците и наставниот кадар од ООУ „Петар Поп Арсов“, денеска достоинствено го празнуваа 50 годишниот јубилеј од работата на оваа училишна установа. Свеченоста ја отвори училишниот хор, интонирајќи ја химната на своето училиште. Притоа, свое воведно обраќање имаше директорката на  ООУ „Петар Поп Арсов“, Даниела Штерјова. Потоа следуваа прекрасните сценски настапи на училишниот хор,танцови точки и фолклорната група МКУД Цветан Димов во изведба на шесто и седмо одделенците. По нив беа прогласени наградените основци, кои покажаа најдобри резултати на училишниот ликовен и литературен конкурс. Во духот на одличната меѓуучилишна соработка со својот уметнички настап, присутните ги воодушевија учениците од партнер  училиштето „Тефејуз“ од општина Чаир, кои се партнери со училиштето од Карпош 4, во рамки на проектор за Меѓуетничка интеграција во образованието.  Прекрасен настап имаше и ученичката од ООУ „Аврам Писевски“ која како гостинка на манифестацијата ја изведе композицијата „Врати ми го сонцето“. Длабоки емоции кај присутните пробуди настапот на познатите македонски естрадни уметници, Петар Ренџов, Миле Димовски и Влатко Пејовски, кои воедно го завршиле своето основно образование во ова училиште.