УЧИЛИШЕН СПОРТСКИ КУП ПО ПОВОД РОДЕНДЕНОТ НА ОПШТИНАТА
- ноември 17, 2025
- 0
Во организација на Одделението за спорт при Општина Карпош, денеска се одржаа финалните натпревари од Училишните спортски лиги за 2025 година. Овие активности традиционално се организираат по повод одбележување на роденденот на локалната самоуправа, која годинава прослави 49 години од своето постоење. Во таа насока градоналачникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, во придружба со претседателот на Советот, Христо Саракинов присуствуваа на возбудливите финални мечеви во фудбал, одбојка и кошарка во кои учествуваа младите основци од Карпош.
Во финалниот фудбалски меч кој се одигра на спортскиот терен во Влае, екипите од ООУ „Лазо Трповски“ и ООУ „Војдан Чернодрински“ одиграа квалитетен и неизвесен натпревар, каде на крајот триумфираше екипата на ООУ „Лазо Трповски“ со резултат 1:0. Интересно е што во текот на целиот турнир, фудбалерите од ООУ „Лазо Трповски“ немаа забележано ниту еден пораз, а во финалето одиграа цврст натпревар со своите соперници од „Млечен“, каде одлучувачка беше стабилната одбрана на победничкиот тим.
Во спортска сала „Партизан“ каде се одигра финалето во одбојка за девојчиња, убедливо славеше екипа од ООУ „Јан Амос Коменски“ која ги совлада своите ривалки од ООУ „Владо Тасевски“ со резултат 2:0 во сетови. Женската екипа од Тафталиџе беше пофокусирана и со цврста игра на мрежата, ги заврши двата сета во своја корист со идентичен резултат 25-15.
Возбудлив натпревар приредија и младите кошаркари од приватното училиште IPS, кои ги совладаа своите ривали од ООУ „Јан Амос Коменски“. Финалниот кошаркарски натпревар беше одигран во прекрасна атмосфера, каде кошаркарскиот тим на IPS убедливо триумфираше над своите соперници со резултат 62-52.
Дипломите на второпласираните екипи во фудбал, одбојка и кошарка ги додели претседателот на Советот на Општина Карпош, Христо Саракинов, додека пак, градоначалникот Сотир Лукровски им ги врачи дипломите и победничките пехари на најуспешните тимови во Училишните спортски лиги за 2025 година.
- „Имав одлично претпладне и среќен сум што бев дел од трите финалиња, во фудбал, одбојка и кошарка. Посебно ме радува силната емоција кај учениците, а во спортот, победуваат најдобрите и најупорните. Децата се нашата иднина и токму спортот е од особено значење за нив. Спортот има голема улогата за нивното ментално здравје како и за физичката подготвеност за справување со понатамошните предизвици. Трите постулати на животот се редот, работата и дисциплината и ако се негуваат, како во спортот така и во животот, еден ден ќе се достигне целта. Јас како градоначалник ќе продолжам да ја негувам традицијата, а Општината и во иднина ќе организира вакви спортски настани“ – додаде градоналаникот Лукровски.









