УЧЕНИЧКИОТ ПАРЛАМЕНТ ВО ПОСЕТА НА ОПШТИНА КАРПОШ
- декември 22, 2021
- 0
Во просториите на локалната самоуправа, денеска, се одржа работна средба меѓу членовите на ученичкиот парламент од ООУ „Димо Хаџи Димов“ (Влае 2), и претставничките од Секторот за дејности од јавен интерес и Секторот уредување на градежно земјиште и комунални работи при општина Карпош. Иницијативата потекна од ученичкиот парламент, кој претходно реализираше повеќе активности поврзани со детските права, како дел од проектот „И јас имам глас“, во соработка со Фондацијата „Чекор по чекор“.
Во рамки на средбата, основците од „Димо Хаџи Димов“ разговараа со стручните лица од општина Карпош, на тема која ја опфаќа реализацијата на човековите права на децата, како и стандардите кои државите мораат да ги почитуваат. Како што велат тие, нивната цел е да се запознаат со имплементацијата на Конвенцијата за правата на децата, во општината во која се школуваат и живеат. Во таа насока, основците поставуваа прашања и се информираа за слободата на изразување на децата, како општината се грижи за децата без семејство и за лицата со атипичен развој и на кој начин локалната самоуправа придонесува кон подобрување на условите за работа во училиштата.
Како што истакнаа младите претставници на училишниот парламент, нивната приоритетна активност е предлог – иницијатива за безбедност на основците во сообраќајот во околината на нивното училиште. По тој повод, тие апелираа за поголема соработка на општината со другите одговорни институции. Имено, основците од Карпош инсистираа на поригорозна сообраќајна контрола на улиците кои гравитираат околу нивното училиште, поставување на поголем број на сообраќајни знаци, обезбедување на дополнителни безбедни премини по булеварите, како и означување на пешачките зони и премини. Од практични причини, ученичкиот парламент побара да се организираат предавања, на кои службениците од Полициската станица „Карпош“, конкретно ќе ги запознаат учениците со безбедносните правила на сообраќајната култура.