Во рамки на проектот „Спорт за развој – спорт за сите“ започнаа обуките со учениците од основните училишта од Општина Карпош во сферата на физичката култура. Имено, најмладите стекнуваат и учат различни спортски вештини, имаат физичка активност, но учат и социјални вештини за правилно однесување во околината.

Проектот го спроведува здружението „ТАКТ“ во соработка со Општина Карпош. На спортско – рекреативниот центар во ООУ „Лазо Трповски“ учениците, поделени во тимови работеа со инструктор, при што, со различни реквизити совладуваа повеќе активности.

Преку игрите, младите стекнуваат навика за тимска работа, го развиваат натпреварувачкиот дух, но и потребата од солидарност за да се совлада одредена пречка. Преку физичките активности, исто така, учениците сфатија дека физичката сила не е клучна за да се биде поуспешен од другиот, туку  потребни се и стратешкиот пристап, логичкото размислување, одговорноста и вмрежувањето со другите чинители.

Локалната самоуправа, во соработка со граѓанските организации, продолжува да работи на развојот на младите луѓе и нивно поголемо вклучување во заедницата.