Во просториите на Универзитетот Скопје вчера по третпат заседаваше локалниот совет за превенција (ЛСП) на Општина Карпош, во чии рамки се дискутираше за актуелната состојба во локалната самоуправа од аспект на безбедноста и сигурноста. Во тој поглед, фокусот на расправата беше насочен кон претстојниот летен период, односно кон работата на дискотеките и ноќните клубови кои функционираат на територија на општината.

                Оттука беа разгледани конкретни планирани мерки за надзор и координација на активностите на органите за безбедност. Имено, службеното лице од локалната полициска станица Карпош ги информираше присутните, за планираните активности кои ќе бидат преземени во насока на почитување на работното време на угостителските објекти, контрола на малолетните лица, при што беше разгледана можноста за планирање на заеднички контроли и активности за превенција на инциденти. Во таа насока, заменик командирот на ПС Карпош, Александар Ангеловски, го презентираше кусиот извештај за безбедносните ризици, при што напомена дека изминатиов период во Карпош е евидентирано опаѓање на криминалитетот за 30%. 

                Со оглед на тоа што се наближуваме кон летниот период, на денешната седница се отвори темата за превенција од пожари и идентификување на ризични подрачја во Карпош. Притоа, како опција беше посочена мерката за едукација на населението преку организирање на информативно – едукативни кампањи, за подигнување на свеста на граѓаните од евентуални ризици од пожар. По широката дискусија која се разви меѓу присутните, се говореше за идните превентивни мерки, активности и предлози за подигнување на нивото на безбедност, како и за планирање на вонредни средби на ЛСП доколку се јави потреба за тоа.

 

                Кон крајот на седницата беа резимирани заклучоците од вчерашната работна средба, од кои треба да произлезат конкретни задолженија и задачи. Локалното тело ќе упати апел до граѓаните да водат сметка за своите имоти, особено во периодот на летните одмори да не објавуваат лични податоци на социјалните мрежи дека се на летување. Во интерес на јавниот ред и мир, Општина Карпош ќе биде крајно рестриктивна во однос на работното време на угостителските објекти. Притоа ќе се инсистира на поголема активност на Министерството за економија и пазарната инспекција, да не дозволуваат да се врши дејност во бесправно изградени објекти.

 

                Градоначалникот Стевчо Јакимовски ги задолжи инспекциските служби од Општина Карпош да ги проверат сите 63 градби (кои во моментот се градат) на територија на локалната самоуправа, дали поседуваат дозвола од Министерство за труд и социјална политика, за работното време на извршување на градежните работи. На состанокот беше разгледана можноста, Општина Карпош заедно со Секторот за превенција при СВР да остварат средби и да организараат работилници со пензионерските друштва на територија на општина Карпош, за да се спречат честите измами поврзани со сообраќајните незгоди.