На покана од Амбасадата на Република Словенија во Македонија, денеска градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски присуствуваше на одбележување на традиционалниот словенечки Ден на храната, кој годинава се одржа под слоганот „Леб за појадок – прекрасен ден“, во рамки на предучилишната установа во меѓународното училиште „Нова“. По тој повод, Јакимовски ги поздрави дечињата и им порача дека од особено значење за нивниот правилен раст и развој е да конзумираат здрава храна и редовно да практикуваат физички активности.

                На оваа манифестација присуствуваа и словенечкиот амбасадор во нашата земја, Н.Е. Грегор Прескер, како и замениците министри за образование и наука, Агим Нухиу и за земјоделство, шумарство и водостопанство, Вјолца Бериша. Во таа насока беше организирана и куса информативна работилница со стручно лице – нутриционист, кој на дечињата практично им го објасни процесот на производство на мед и придобивките од неговата употреба во секојдневната исхрана.

                По презентацијата, возрасните им се придружија на дечињата во училишната кафетерија каде што сите заедно доручкуваа здрав појадок, на чие мени се најдоа леб, путер, млеко, мед и јаболка.