На вчерашната вечер, во рамки на Карпошово културно лето, најмалите карпошани во еден здив ја проследија театарската претстава со мјузиклот ,,Малата сирена”. Популарните музички нумери, ,,Under the sea” , ,,Kiss the girl” , ,,She’s in love”, и многу други, за прв пат беа испеани на македонски јазик во изведба на децата и младинците – членови на студиото за детски мјузикл ,,Бродвеј Јуниор”, кои се регистрирани под Здружението ,,Крео-Аксис”. Ликовите од познатиот анимиран филм на Волт Дизни, на сцената се појавија во костими од улогите на истоимениот филм, а кои беа придружувани од морскиот хор, составен од различни морски животни. На сцената настапија повеќе од 35 учесници, меѓу кои и ученици од општинските основни училишта.

                Дечињата, освен својот талент за глума, преку мјузиклот ги покажаа и своите пеачки и танцувачки можности. Имено, студиото е добитник на специјална награда, односно награда за најиновативен и најзабележителен настап на Европско првенство за изведувачки уметности ,,Metodo pass Performing Cup”, кој се одржа во Рим, Италија, во јули оваа година.

                По  театарското уживање, вистинско освежување беше младата малтешка пеачка, Танаја Бринкат, која со краток блок нумери се претстави пред карпошани. Нејзината посета, како дел од делегацијата на Малта овој викенд, вистински  ја збогати со најдоброто од себе, а тоа е пеењето.

                Како за крај од вечерта, составот ,,Трио Џентлмен” ја смири атмосферата со преубавите шансони, на странски и македонски јазик. Професионалните оперски пејачи, Дејан Стоев – тенор, Кристијан Антовски – баритон и Јане Дунимаглоски– тенор, имаат и свои сопствени изданија, кои години наназад ги промовираат на фестивали ширум државата. Со своите вредни гласовни способности, ги воодушевија присутните, а силниот аплауз беше доказ за прекрасната вечер.