Согласно потпишаниот меморандум за соработка со Меѓународниот Балкански Универзитет (МБУ) во Скопје, делегација од Општина Карпош предводена од градоначалникот Стевчо Јакимовски и членовите на Советот, денеска го посети Факултетот за уметност и дизајн, кој функционира во рамки на оваа високообразовна институција.

                По тој повод по краткото воведно обраќање на првиот човек на локалната самоуправа, студентите по сликарство и дигитална уметност го објаснија концептот, техниките и инспирацијата за делата кои ги изложија пред присутните. Имено, студентите од трета и четврта година во класата на Деканот проф. д-р Александра Ристовска, преку стручната презентација ги понудија своите креативни предлози со кои беа опфатени идејните решенија за уредување на парковите на територија на Општина Карпош. Според нивната замисла, јавниот простор би требало да биде збогатен со предмети и објекти во кои доминираат аморфните органски форми кои одлично би се вклопиле во природната околина. Во моментов станува збор само за почетна иницијатива, која понатаму би се развивала во соработка со нивните колеги од катедрата за архитектура.

            Во таа насока, присутните развија и отворена дискусија со градоначалникот Јакимовски и со советниците од Карпош, за изнаоѓање на најсоодветни решенија кои ќе понудат повеќе можности за заемна соработка. Оттаму, делегацијата на Општина Карпош одржа работен состанок со Ректорот на МБУ, Љутви Сунал, каде се разговараше за повеќе опции кои треба да отворат простор за поддршка на студентските иницијативи.