СТРУЧНИ ЛИЦА ЌЕ ИМ ПОМАГААТ НА ОСНОВЦИТЕ ОД КАРПОШ ДА СЕ СООЧАТ СО СТРЕСНИТЕ СИТУАЦИИ ВО СЕМЕЈСТВОТО
- март 20, 2024
- 0
Околу 125 наставници и стручни соработници кои работат во основните училишта во Карпош се стекнаа со сертификати за успешно завршена четиридневна обука, која ја спроведе лиценцираниот психолог и психотерапевт д-р Драгана Батиќ. Станува збор за проектот под наслов „Психо-социјална поддршка на децата во училиштата после стресни настани“, кој го поддржа Општина Карпош со финансиски средства во висина од 60.000 денари. Оваа обука беше неминовна за образовниот кадар од училиштата во Карпош, за да реагираат соодветно во однос на децата и родителите при стресни ситуации со кои се соочуваат малолетниците, како што е разводот на родителите и живеење во еднородителско семејство.
На овој начин училишните психолози, педагози и наставници од Карпош добиваат стручна едукација од д-р Батиќ, која воедно е и професорка на Факултетот за безбедност во Скопје. Оттука, учесниците во обуката се стекнаа со дополнителни искуства кои ќе ги искористат за пружање на психосоцијална поддршка во периодот кога децата поминуваат низ разводот на родителите. Пристапот на стручните лица кои ќе работат со основците од Карпош би бил пред сè од превентивна природа, кој треба да делува позитивно врз нивното ментално здравје, за да не дојде до развивање на понатамошни психички проблеми, особено во адолесцентниот период.
Како што напоменавме, целна група на овој проект беа стручните тимови и наставниците од прво до петто одделение од основните училишта во Карпош. Притоа, обуката се одвиваше во форма на искуствени работилници во чии рамки беа обработени повеќе теми за семејството во процесот на развод. Имено, се говореше за промените во структурата на семејството, за стресот од разводот и соочување со стресот кој може да резултира со хиперактивност или повлеченост кај децата, се анализираа емоционалните фази низ кои поминуваат малолетниците, а беа дискутирани и целите и методите на интервенција за време на секоја фаза.