СПОРТСКО И КУЛТУРНО ЛЕТО ВО КАРПОШ
- јули 15, 2021
- 0
Советниците од општина Карпош, во рамки на денешната 58. седница гласаа позитивно за реализација на манифестациите од областа на спортот и културата, кои традиционално се одржуваат во оваа локална самоуправа.
Станува збор за 18. Меморијален турнир во мал фудбал „Оливер Соколов – Сокол“, кој ќе се одржи од 1 – 18 септември, годинава. За реализација на овој настан, Општината обезбеди 800.000 денари, а целта е да се стимулираат толеранцијата и меѓусебното разбирање, како и да се зајакнат меѓугенерациските различности, користејќи го спортот како значајна алатка.
За поквалитетно културно и забавно анимирање на карпошани, од 26-28 август ќе се одржи „Карпошово Културно лето 2021“. Програмата на оваа манифестација треба да го изрази културниот и уметничкиот потенцијал на општина Карпош, преку учество на познати уметници од државава. За оваа намена, локалната самоуправа од својот Буџет обезбеди 1.750.000 денари. Општината обезбеди и граѓанско учество при реализацијата на овој проект. Имено, карпошани преку мобилната апликација „мЗаедница“ доставуваа свои предлози за изведувачи, уметници кои би настапиле на овој културен настан.
Советот на Карпош ја усвои и Предлог – Одлуката за поставување на мобилни библиотеки низ маалските паркови на територија на Општината. За реализација на оваа програмска активност, локалната самоуправа резервираше 100.000 денари, а целта е да се поттикнат граѓаните да создадат навика за читање.
Советниците од Карпош дадоа поддршка и за петте точки од областа на урбанизмот и развој на Општината, кои се најдоа на денешниот дневен ред на седницата.
Станува збор за Одлуката со која општина Карпош воспоставува меѓуопштинска соработка со Град Скопје, за изградба на улиците С5 – ул.„1688“ и дел од С2 ул.„Втора Македонска Бригада“ (во близина на касарната „Илинден“). Проценетата вредност за реализација на овој инфраструктурен зафат,изнесува 93.187.730 денари (со вклучен ДДВ).
Општина Карпош во остварувањето на оваа соработка ќе учествува со средства во износ од 73.187.730 денари (со вклучен ДДВ). Финансиската конструкција е обезбедена од Буџетот на локалната самоуправа за 2021, 2022 и 2023 година, врз основа на План програми за развој на Општина Карпош.
Градот Скопје пак, ќе спроведе целосна експропријација и делумно ќе ја изврши изградбата на овие улици во Карпош, со средства во износ од 20.000.000 денари (со вклучен ДДВ), обезбедени од Буџетот на Град Скопје за 2021, 2022 и 2023 година.
Советниците дадоа „зелено светло“ и за измена и дополна на Деталниот урбанистички план за Градска четврт ЦС 15 – Криви Дол, блок 1, со вкупна површина на планскиот опфат од 1.07 хектари. Според дополнувањето, се предвидува дел од градежното земјиште да биде наменето за (Г4) – стоваришта и (Б5) – угостителско-туристички комплекс.
Со истата динамика беше усвоена и Предлог-одлуката за утврдување на Нацрт-Детален урбанистички план за Градска Четврт З 04, Блок 5. Во периодот кој следува, општина Карпош ќе организира јавна презентација и јавна анкета по Нацрт-ДУП-от. Дополнително, Општината на транспарентен начин ќе ја извести јавноста, откако ќе го утврди времето и местото каде што ќе биде изложен ДУП-от, како и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета. Основна цел на изработка на овој ДУП е усогласување на планските одредби за реализација на просторот со условите зададени со Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 и Регулацискиот план на ГУП на Град Скопје 2012-2022 година.
Со мнозинство гласови беше усвоена и Предлог-Одлуката, со која се утврдува начинот на применување на минимален процент на зеленило, во градежните парцели во деталните урбанистички планови. Станува збор за усогласување со Законот за урбано зеленило донесен на 16. јануари 2018 година, според кој, минимумот од 20% застапеност на зеленило во градежните парцели се пресметува во согласност со специфична формула.
Советот ја прифати и донацијата од „СПОРТС МЕНАЏМЕНТ КОНСАЛТИНГ ДООЕЛ“, во вредност од 1.537.500 денари. Станува збор за донација во вид на изработка на основен проект со сите фази, за реконструкција на спортската сала „Партизан“, со вклучен позитивен извештај за ревизија на проектот.