Општина Карпош е пресреќна што има млади луѓе: осмоодделенци, средношколци, студенти и што улиците, парковите, плоштадите ги исполнува младешки жагор. За таа цел општината има изградено повеќе спортски терени и на истите има поставено осветлување и рефлектори, за да може навечер скоро до полноќ да спортуваат и да се дружат. Направени се шест плоштади на кои покрај младите луѓе и сите граѓани особено пензионерите и родители со деца, ќе можат да уживаат, да склучуваат нови пријателства и да се шири маалскиот живот.

За жал, оваа убава замисла и потреба на сите граѓани на Карпош ја нарушуваат мал дел тинејџери кои во доцните ноќни и во раните утрински часови на плоштадите, спортските терени, а особено по улиците на Карпош се однесуваат несоодветно, пореметувајќи го мирот, потребата за одмор и подготвеност за работниот ден на активното граѓанство од општината. Сведоци сме на дивеење со мопеди на малолетници без соодветна опрема доведувајќи се во опасност себе си и останатите учесници во сообраќајот, како и пешаците, при тоа запоседнувајќи ги плоштадите и спортските терени со несоодветно однесување, правење бука, несоодветно управување со мотори, со што целосно го нарушуваат мирот и нормалното живеење на граѓаните кои живеат во овие делови на општината. Ваквото несоодветно однесување особено вознемирува во летниот период кога во секоја куќа и стан прозорите се отворени, а бучавата влегува во порите на секој дом.

Општина Карпош го поддржува дружењето на младите луѓе, затоа и се создадени овие услови за нивни заеднички средби, но секое несоодветно однесување ќе бараме од надлежните државни институции да биде санкционирано. За таа цел извршен е разговор со полициската станица Карпош и истите во наредниот временски период ќе постапуваат согласно нивните законски овластувања. Не би сакале ниту еден млад човек да се најде на удар на законот, и затоа замолуваме за нивно соодветно однесување кое одговара на приликите и условите во кои тие ги вршат своите активности.

Со почит,