На денешната редовна седница на Советот на Општина Карпош, беа разгледувани дваесеттина точки кои се најдоа на дневниот ред. Во таа насока советниците ја поддржаа Одлуката со која осум основни училишта од Карпош ќе добијат по еден прочистувач на воздух на трајно користење без надомест, од страна на Владата на РСМ. Потребното мнозинство од Советот го доби и Планот за изменување и дополнување на програмите за развој за 2025-2035 година.

               Имено, измените се однесуваат на реализација на поединечните фази при поставувањена јавно осветлување на територија на локалната самоуправа. Притоа, реализацијата на поединечните фази во рамки на десетгодишниот период ќе се одвива на следниов начин. Во 2025 година се планира изведба на работи  во износ од 1.000.000 денари. Секоја наредна година од 2026-та до 2034-та се планира да бидат инвестирани по 14.747.000 денари, додека пак во 2035 година, се планира за оваа намена да бидат потрошени 13.747.000 денари. Имплементацијата на овој проект се предвидува да започне на 01.11.2025 година, а истиот би требало да заврши кон средината на декември 2035 година.

               Советниците ја изгласаа и Одлуката за измена на распоредот на средствата на Буџетот на Општина Карпош за 2025 година. Оттука, измени се вршат во колоната на Буџет, каде се намалуваат средства во Програмата за уредување на градежно земјиште капитални расходи, на конто Надомест на одземен имот во износ од 17.800.000 денари. Овие средства се намалуваат поради тоа што со Буџетот се предвидени повеќе средства за исплата на рати по основ на надомест за одземен имот. Исто така се намалуваат средствата  во Програмата за капитални трошоци во висина од 3.000.000 денари, поради тоа што со Буџетот се предвидени повеќе средства за трошоци за изградба на новата административна зграда. Во Програмата за уредување на градежно земјиште капитални расходи, се зголемува износот на 4.300.000 денари за да се обезбедат средства за геолошки истражувања и копање на бунари за техничка вода, која ќе биде наменета за полевање на зелени површини на територија на Карпош. За итни интервенции за фекална и атмосферска канализација се зголемуваат  средствата на 5.400.000 денари, а во Програмата за одржување и заштита на локални патишта, улици и регулирање на режимот на сообраќај, се зголемуваат сретствата на 3.000.000 денари. За Програмата за спорт и рекреација – капитални расходи, се зголемуваат средствата во износ од 1.800.000 денари кои ќе бидат наменети за реконструкција на детските игралишта низ Карпош. Во износ од 700.000 денари се зголемуваат средствата во Програмата за основно образование – капитални расходи, кои ќе бидат употребени за надзор при изградба на спортските сали за основните училишта „Димо Хаџи Димов“ и „Братство“, кои се доделени со Одлука на Владата на РСМ.

               Советот даде „зелено светло“ за потпишување на Изјава на градоначалникот Стевчо Јакимовски, дека Општина Карпош нема формирано јавно претпријатие односно дека надлежноста за снабдување на вода за пиење ја врши ЈП Водовод и канализација – Скопје. Оттука, ова јавно претпријатие ги покрива услугите кои се однесуваат на снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води. Поточно, по таа Изјава се овластува градоначалникот Јакимовски да ги потпише договорите за грант, кои ќе бидат склучени согласно Договорот за финансирање SERAPIS бр. 2018-0837 помеѓу РСМ и Европска Инвестициска Банка (ЕИБ). Станува збор за проекти за подобрување на водната инфраструктура на локалната самоуправа од Карпош, за кои РСМ се задолжува со заем кај ЕИБ. Со овие средства ќе биде поставена нова фекална и атмосферска канализација на улицата Скупи, како и на улиците бр. 2,8 и 9 кои се наоѓаат во непосредна близина на маркетот Хубо.

Потребниот консензус го доби и Одлуката за донесување на техничка исправка на ДУП за ГП 1.2.21 од ДУП-от за населба Влае 1 дел А, од 10.07.2002 година. Поддржана беше и Одлуката за техничка исправка за ГП 1.274 и ГП 1.274а од ДУП З 03 за опфат помеѓу булеварите Партизански одреди и Македонија, како и помеѓу улицата Московска во Тафталиџе. Со истата динамика беше изгласана Одлуката  за донесување на Урбанистички проект со план за парцелација за ГП 12.6 од ДУП на УЕ21 во населбата Козле. Со оваа Одлука се овозможува промена на парцелацијата на градежнaта парцела ГП 12.6 односно  се формираат  две  градежни  парцели  согласно  сопственоста  и  ажурираната  геодетска подлога. Сето  ова  доведува  до  подобрување  на  функционалноста,  како  и  максимално  користење  на просторот и можности за реализација согласно Деталниот урбанистички план.

На денешната седница беа усвоени и Годишните Извештаи и Заклучоците за усвојување на Годишните Програми за работата на детските градинки на територија на општина Карпош. Со поддршка на Советот, беше дадена согласност за утврдување на Статутот на Приватна детска градинка „МАРА БУБАМАРА“ од Скопје.