Согласно планираните работни активности, советниците од Карпош присуствуваа на 39-тата седница на Советот каде што полноважно расправаа и одлучуваа за 20 точки кои се најдоа на денешниот дневен ред. Во таа насока, со мнозинство гласови беа усвоени измените и дополнувањата на Програмите од областа на културата и спортот за 2024 година.

Имено во Програмата за култура, предвидената финансиска рамка од 3.800.000 денари останува иста, а се врши изменување и дополнување во точките за Карпошово културно лето 2024, за еднократна финансиска подршка за културни активности, како и за финансиска поддршка за проекти од културата. Поточно, во трите горенаведени точки се менува само бројот на членовите во комисиите. Така, наместо петчлената комисија која досега функционираше, во комисиите отсега ќе одлучуваат седум членови од кои четворица ќе бидат од Советот на Општина Карпош и тројца од општинската администрација.

 

Во Програмата од областа на спортот за 2024 година, ќе се изврши изменување и дополнување во точките за стипендии за талентирани спортисти – основци од Карпош кои учат во VIII и IX одделение, потоа во точката за еднократна финансиска поддршка за спорт и рекреација, како и во точката за финансиска поддршка на спортски клубови од подрачјето на локалната самоуправа. И во овој случај, вкупната предвидена финансиска рамка од 6.670.000 денари останува непроменета, а измените се однесуваат на бројот на членовите во комисиите. Така, отсега ќе сѐ состануваат седумчлени комисии за разлика од досегашните во кои одлучуваа пет членови, а во точката за еднократна финансиска поддршка за спорт и рекреација, се менува и делот во описот на активности, со што оваа еднократна финансиска поддршка ќе се доделува еднаш годишно.

 

                Во продолжение на седницата беше изгласан и Предлог – Заклучокот за усвојување на Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Карпош за извештајниот период (кумулативно) за квартал од 01.01.2023 година до 31.12.2023 година.

 

Со поддршка од мнозинството на советници, беше усвоена и Одлуката за донесување на Техничка исправка за градежна парцела 1.4.31 за населба Влае 1, дел А. Техничката грешка е констатирана поради технички пропуст во површината на  градежната парцела, која не соодветствува со одмерената од графичките прилози и геодетскиот елаборат за нумерички податоци за предметната градежна парцела.

 

                Рутински беше изгласана и Одлуката за утврдување на почетокот и завршетокот на работното време на општинските детски градинки (освен за градинката „Пролет“)на територија на локалната самоуправа. Поточно, според оваа Одлука работното време во предшколските установи започнува во 06:00 часот наутро а завршува во 18:00 часот попладне, секој работен ден од понеделник до петок. Со истата динамика беше изгласано и Решението за давање согласност на Одлуката за формирање на Комисијата за прием на деца над капацитет и утврдување на критериумите за прием на деца над капацитет во детските градинки во Карпош, (освен градинката „Пролет“).

 

                Советот даде „зелено светло“ и за одобрување на финансиски средства како поддршка на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија – Институт за хемија. Овие средства ќе бидат наменети за покривање на патните трошоци на еден професор (ментор) и еден средношколец кои треба да учествуваат на 56-та Меѓународна олимпијада по хемија, која ќе се одржи во градот Ријад (Саудиска Арабија).

 

                Претставниците на Советот ја разгледаа и Иницијативата за измени и дополнување на Деловникот за работа на Советот на Општина Карпош. По дебатата која се разви на оваа тема, мнозинството на советници одлучија да дадат поддршка за оваа Предлог – Иницијатива.

 

                Поддржани беа и Предлог- Решенијата за изменување и дополнување на Решението за именување на нови членови во училишните одбори на основните училишта „Аврам Писевски“ и „Димо Хаџи Димов“.

 

                Потребната поддршка од советниците ја доби и Одлуката за субвенционирање на ужинки за учениците од прво до деветто одделение, во основните училишта на територија на Карпош. За реализација на оваа Одлука, Општината обезбеди 3.700.000 денари, со кои ќе се субвенционираат ужинките за основците во висина од 50 отсто. Со одлука на Советот, децата на македонските бранители ќе бидат ослободени од плаќање на месечен надоместок за топол оброк (продолжен престој) во основните училишта во Карпош. Тие ќе бидат ослободени од плаќање на месечен надоместок за ужинки, а исто така ќе бидат ослободени и од плаќање на сите видови на давачки кон локалната самоуправа. Со широк консензус беше изгласана и Одлуката за организирање на продолжен дневен престој во IV (четврто) одделение во 2024 година, во сите основни училишта кои функционираат на територија на општината.