СОВЕТОТ НА КАРПОШ ЈА ОДРЖА 61. СЕДНИЦА
- септември 16, 2021
- 0
Преку електронската платформа ZOOM, советниците од општина Карпош денеска, ја одржаа последната работна седница за време на четиригодишниот мандат на градоначалникот Стефан Богоев. На дневниот ред се најдоа 27 точки од областа на образованито, детската заштита и урбанизмот.
Имено, Советот ги изгласа заклучоците за усвојување на Годишните извештаи од работата на десетте основни училишта, кои се наоѓаат на територија на општина Карпош, за учебната 2020/2021 година. Со истата динамика беа усвоени и Годишните извештаи за работата на јавните установи детски градинки, на територијата на локалната самоуправа за 2020/2021 година, како и за новата 2021/2022 година.
Во таа насока, советниците од Карпош дадоа позитивно мислење и за Програмите за реализација на ученички екскурзии и други активности, за учебната 2021/2022 година, по претходно добиена согласност од Бирото за развој на образованието, за секое училиште посебно.
Членовите на Советот ги разгледуваа и двете точки од областа на урбанизмот, поточно, двата детални урбанистички планови за Градска четврт ССЗ 02, Блок 06 и планот за Блок 9 од Градска четврт ССИ 03.
Првиот ДУП се однесува на потегот околу маркетот Хубо и болницата Систина, на вкупно 35,07 хектари. Речиси на 20% од вкупната површина која ја опфаќа оваа планската документација, ќе доминира зеленилото. Појдовна точка во изнаоѓање на концепцијата на решението на овој ДУП, покрај насоките од ГУП-от на град Скопје 2012-2022 и Урбанистичкиот план за Четврт ССЗ 02, 2012-2022, се и создадените услови на просторот кој е предмет на изработка на оваа урбанистичка документација.
Површината на планскиот опфат е релативно градежно изградено земјиште, меѓутоа има појава на голем дел од неизградено земјиште кое треба плански да се уреди. Со планот се формираат градежни парцели и се предвидуваат површини за градба со намена во согласност со ГУП на Град Скопје, Урбанистичкиот план за Четврт ССЗ 02, 2012-2022 и состојбата на терен.
Основа за изработка на вториот ДУП за Блок 9 од Градска четврт ССИ 03, општина Карпош и општина Чаир, ќе биде Стратегијата за одржлив развој (Агенда 21), важечката урбанистичка документација, ажурираната геодетска подлога, планската програма изработена од Агенцијата за планирање на просторот која е заверена во Министерство за транспорт и врски.
Овој ДУП (во рамки на границите на општина Карпош), се однесува на потегот околу касарната „Илинден“ и опфаќа површина од 18,89 хектари. Просторот ќе биде планиран со намена за објекти за домување во посебен режим, станбени објекти, трговски и хотелски единици, потоа, објекти за високо образование и наука, како и парковско и заштитно зеленило.