Во рамки на седмата седница на Советот на Општина Карпош, советниците расправаа и полноважно одлучуваа за 32 точки кои се најдоа на денешниот дневен ред. По деталната информација која им беше презентирана од страна на општинските служби, претставниците на Советот со мнозинство гласови го усвоија Кварталниот Извештај за извршување на Буџетот на локалната самоуправа, за четвртиот квартал за 2025 година. Во образложението на овој документ се прикажани вкупните планирани приходи кои изнесуваат 1.872.582.953 денари, како и реализираните приходи за четвртиот квартал од 2025 година кои изнесуваат 1.533.995.339 денари.

               Советниците го усвоија Годишниот Извештај за работата на Единицата за внатрешни работи (ЕВР – „Карпош“) за 2025 година, за Полициската станица од општа надлежност „Карпош“. Во продолжение на седницата, членовите на Советот ги усвоија сите 17 Извештаи за реализација на Програмите за работа на општинските Сектори за 2025 година, како и Програмата за работа на Советот на Општина Карпош за 2026 година. Со истата динамика беа усвоени минатогодишните Извештаи за доделување на финансиска поддршка за поправка, санација на постоечки и поставување на нови лифтови во зградите, како и Извештајот за 2025 година за доделување на субвенции за санација на покриви на колективните станбени објекти и замена на старите азбестни покриви на индивидуалните домови во Карпош.

               Советниците дадоа „зелено светло“ за Предлог – Правилниците за условите, критериумите, видот и начинот според кој локалната самоуправа во 2026 година ќе субвенционира финансиски средства за санација на постоечки и поставување на нови лифтови во зградите, како и за санација на покриви на зградите и замена на азбестни покриви на куќите. Поддршка од Советот доби и Правилникот во кој се детерминирани условите, начинот и постапката, според која Општина Карпош  ќе доделува еднократна парична помош за поплава и пожар. Советниците ја изгласаа и Одлуката за изменување и дополнување на Статусот на Општина Карпош, во кој се брише стариот член 4 и на негово место се додава нов член со кој се утврдува дека, локалната самоуправа е правно лице со седиште на улица „Никола Русински“ бр. 11.