Во моментов додека се одвиваат градежни интервенции на повеќе места низ населбата Нерези, градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, беше во обиколка на неколку локации каде што овие активности се во тек.

  • Продолжуваме со градежната иницијатива, овде во населбата Нерези каде што сакаме да ги затвориме сите проблематични делови во ова населено место. Имено, на улицата Козле 3 ја работиме првата фаза каде што коловозот ќе добие нов асфалт во должина од 360 метри и широчина од три до пет метри. По целата должина поставуваме и нови рабници, како и простор за паркирање на автомобили. Притоа, за првата фаза, Општината обезбеди околу 3.000.000 денари, додека пак со втората фаза ќе започнеме веке во наредната година – прецизираше Јакимовски.

                Тој напомена дека во исто време се асфалтира и улицата Козле 14, а исто така во план е да се асфалтира и улицата Козле 12 и уште една помала улица во тој реон.

 

  • Со тоа, практично ќе ги решиме сите улици коишто се проблематични во оваа урбана заедница, и ќе се потрудиме да обезбедиме дополнителни средства со ребалансот на Буџетот на Општина Карпош. На тој начин ќе добиеме дополнителни средства кои ќе ги искористиме за реконструкција на спортското игралиште кое се наоѓа во близина на каналот во Нерези – истакна првиот човек на Општината.