СЕКТОР ИНСПЕКТОРАТ ЌЕ СПРОВЕДЕ НОВА АКЦИЈА ЗА ПРОВЕРКА НА ХИДРАНТСКАТА МРЕЖА ВО ЗГРАДИТЕ ВО КАРПОШ
- март 18, 2025
- 0
Општина Карпош, преку Сектор Инспекторат – Општински инспектор за домување, во соработка со Одделението за заштита и спасување, во текот на 2022 година има испратено Барање податоци до скоро сите колективни станбени згради , со кое се бараше во рок од 15 дена, Заедниците на сопственици како и управителите да достават податоци за
- Дали во зградата постои хидрантска мрежа – хидранти
- Доколку постои, дали истата е исправна
- Дали поседуваат хидрантски црева
- Дали поседуваат противпожарни апарати и да се провери исправноста на истите
- Дали во зградата има сопственици на посебни делови – станови и деловни објекти, кои поседуваат противпожарни апарати и колку се на број
- Дали и колку станари знаат да ракуваат со противпожарни апарати
Поради трагичниот настан кој се случи во Кочани пред само три дена, Сектор Инспекторат ќе спроведе нова обновена акција во која ќе бидат проверени сите погоре наведени барања и ќе ги обнови податоците кои ги поседува.
СЕ ЗАДОЛЖУВААТ сите Заедници на сопственици на територија на Општина Карпош, во рок од 7 дена од денот на оваа објава да го известат Општинскиот инспектор за домување, писмено преку архива, со одговор на погоре поставените прашања. Исто така, СЕ ЗАДОЛЖУВА секој станар или Претседател на Заедница на сопственици кој ќе воочи дека излезот од вантрешна страна до противпожарните скали е блокиран со било каква препрека или мебел, или пак е узурпиран со врата или градба, да го пријави тоа до Општинскиот инспектор за домување, за да се пристапи кон расчистување на излезните врати кон противпожарните скали. Истото се однесува и на надворешно блокирање на противпожарните скали.
За зградите кои имаат Управител, до секој управител ќе биде испратен маил со бараните податоци и ќе биде задолжен со рок да достави податоци за сите колективни станбени згради кои ги управува.
За проверката на деловните објекти, ќе се спроведе посебна акција од повеќе инспектори.