„СВ. ПАНТЕЛЕЈМОН“–НЕПРЕСУШНА ИНСПИРАЦИЈА ЗА МЛАДИТЕ УМЕТНИЦИ
- декември 15, 2021
- 0
Во организација на Детскиот ликовен центар, со поддршка на општина Карпош, денеска се одржа јубилејната 15. ликовна колонија „Св. Пантелејмон“. Досега, оваа културна манифестација беше од меѓународен карактер, бидејќи во неа учествуваа и ученици од општините кои се збратимени со локалната самоуправа од Карпош. Годинава, заради ситуацијата со пандемијата (ковид-19), на ликовната колонија учествуваа само основците од десетте училишта на територија на Карпош.
По тој повод, утрово, младите уметници во присуство на своите ментори – наставници по ликовно образование, беа во обиколка на манастирот „Св. Пантелејмон“, кој се наоѓа во населбата Горно Нерези. По посетата на овој црковен комплекс кој датира од 12. век, учениците и менторите се упатија кон Детскиот ликовен центар, кој се наоѓа во просториите на Кинотеката на РСМ.
Инспирирани од прекрасниот пејсаж и впечатливите историските мотиви на манастирот, младите уметници ги пренесоа своите импресии, користејќи различни ликовни техники. Уметничките творби на основците од Карпош, ќе останат изложени во рамки на Детскиот ликовен центар, а за своето учество на ликовната колонија, тие добија дипломи од организаторот.