Општина Карпош деновиве ја ангажираше фирмата „Дон Холдинг“ која започна со реконструкција на дел од оштетениот кровен покривач на детската градинка „Мајски цвет“, која се наоѓа во урбаната заедница „Владо Тасевски“. Имено, стручните лица ги заменија оштетените керамиди со нов пластифициран лим на површина од 330 квадратни метри.

 

По тој повод, првиот човек на локалната самоуправа, Стевчо Јакимовски, денеска беше во обиколка на оваа претшколска установа при што направи увид во активностите за санација на оштетениот покрив.

 

  • За да го спречиме материјалното оштетување во објектите, периодов започнавме акција за реконструкција на оштетените покриви во градинките на наша територија. Во детската установа „Распеана младост“ сме вложиле 528.000 денари за реконструкција на покривот како и за други потреби кои ги имала градинката, а  за реконструкција на покривот на „Мајски цвет“ во населбата Тафталиџе 1 сме инвестиравме 100.000 денари . За санација на покривот на „Мајски цвет“ во УЗ „Владо Тасевски“ досега сме потрошиле 221.000 денари и оттука продолжуваме со нови активности за реконструкција на кровниот покривач на овој објект, со оглед на тоа што не е извршена ниту една интервенција на покривот уште од основање на  оваа установа, односно од 1975 година – истакна Јакимовски.

 

Во оваа пригода првиот човек на општината најави дека токму оваа градинка  ќе биде целосно реконструирана во текот на наредната година, односно ќе биде поставен нов под во групата „јасли“ каде што престојуваат најмалите дечиња.

  • За таа намена ќе монтираме соодветна изолација како на подот, така и на таванот, потоа градинката ќе добие и нова термоизолациска фасада, а ќе поставиме и штедливи светилки за да добиеме еден комплетен енергетско – ефикасен објект, а сето тоа е во функција на намалување на трошоците на предучилишните установи, како и заштеда на електрична енергија – објасни градоначалникот Јакимовски.