Започнува реконструкцијата на улицата „Московска“ која претставува граница меѓу Тафталиџе 1 и Тафталиџе 2.  Градот Скопје ќе реконструира 690 метри од коловозот, во вредност од 8, 2 милиони денари.

 Како што најави градоначалникот на главниот град, Петре Шилегов, реконструкцијата ќе заврши во рок од 20 дена. Претходно целосно се реконструираше и улицата „Љубљанска“, а во тек е санацијата и на делови од булеварот „Партизански одреди“.

 Општина Карпош продолжува со интензивните инфраструктурни активности.  Во текот на летниот период ќе се реконструира и ул. „Варшавска“ во Тафталиџе 1, каде што сега се поставува нова водоводна мрежа. Градоначалникот Стефан Богоев посочи дека во изминатиот период беа направени покрупни проекти во делот околу Тафталиџе 1 и Тафталиџе 2.

–       Во близина сме на новиот објект на градинката „Јасмин“, а на овој потег имаме и нов урбан сквер (на ул. „Женевска“), како и целосно нови спортски терени за фудбал и кошарка во училиштето „Јан Амос Коменски“.

Станува збор за потег кој во изминатиот период беше соочен со агресивна, квази урбанизација, но се трудиме да ја санираме штетата.

Сакаме да понудиме содржини кои ќе овозможат хуманизација на просторот и нови места за спорт и рекреација на сите граѓани, рече Богоев.

 Во текот на летниот период, локалната самоуправа ќе започне и со санации и тековни реконструкции по воспитно – образовните установи (училишта и градинки), со цел учениците да ја започнат новата учебна година во подобри услови.

 Ги повикуваме сите граѓани да ги почитуваат правилата за времен режим на сообраќај, пропишани од Градот, затоа што заедничка и финалната цел е да добиеме функционален, модерен и безбеден сообраќај.