Завршена е реконструкцијата на вториот дел од булеварот „Никола Карев“, поточно потегот од крстосницата кај касарна „Илинден“ до Момин Поток.

Реконструираниот булевар, кој го направи градот Скопје е во должина од 980 метри, а коловозот е проширен на четири ленти. Во должина на булеварот, засадено е и ново зеленило, а градските служби изведоа и нови печашко – велосипедски патеки.

Денеска, во теренски увид беа градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев и градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов.

 

  • Подобрувањето на инфраструктурата во овој дел од Карпош придонесува и за развојот на периферијата во нашата општина. За потегот околу касарната „Илинден“ донесен е и нов ДУП, со цел, редуцирање на градби во урбаното јадро и развој на страничните делови на општината и градот.

 

Градоначалникот Шилегов посочи дека долж потегот е изведена и атмосферска канализација, потпорен ѕид од 690 метри, а поставено е и ЛЕД – штедливо јавно осветлување од двете страни на „Никола Карев“. Овој проект чини 160 милиони денари (со вклучен ДДВ), буџетски средства на градот Скопје.

 

  • Се работи за исклучително фреквентна сообраќајница која најмногу ја користат жителите на Карпош, Центар, Чаир, Шуто Оризари, Бутел и Гази Баба. Исто така, оваа транзитна сообраќајницата ќе се надоврзе на новата клучка кај Момин поток, чија изведба започнува годинава, изјави Шилегов.

 

Општина Карпош ја следи градежната офанзива за реконструкција на улици на градот Скопје. Во моментов се работи на реконструкција на улицата „Париска“ во Тафталиџе 1. Овој период ќе стартува и реконструкцијата на плочникот во Порта Влае, каде што ќе почне отстранувањето на старите оштетени плочки.