Општина Карпош целосно ја реконструираше улицата „Иван Цанкар“, заедно со нејзините осум краци. Инфраструктурниот зафат опфати асфалтирање на коловозот во вкупна должина од 673 метри, при што беа нивелирани шахтите, и беа поставени нови рабници од двете страни на улицата, во должина од 1.570 метри. По тој повод денеска, градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски одржа прес-конференција, на која ги соопшти деталите од овој градежен проект.  

 

–       Локалната самоуправа за оваа инвестиција од својот буџет обезбеди околу 5.000.000 денари, а градежните работи ги изведуваше фирмата „Ексико“. Исто така, во овој дел од населбата Влае 1 заменивме преку 40 светилки, што значи дека овој реон е речиси целосно осветлен. Останати се само две светилки кои се демолирани, но во наредните два дена ќе ги санираме и нив – истакна градоначалникот Јакимовски.

Првиот човек на Општината најави дека локалната самоуправа ќе изврши реконструкција на коловозот и рабниците на улицата „Корушка“, како и на улицата „Вангел Дину“.

–       Во овој дел на општината Карпош, влаевчани добија нови коловози. Поточно станува збор за улиците „Иван Цанкар“ со сите нејзини осум краци, вбројувајќи ги и улиците „Франц Месеснел“, „Франц Розман“, „Езерци“, „Гари“, „Ринхини“  и „Петар Чаулев“. Веќе од наредната недела започнуваме со една сериозна градежна иницијатива, која опфаќа асфалтирање на 15 краци од улицата „Франце Прешерн“ – додаде Јакимовски.