Градоначалникот на општина Карпош Сотир Лукровски, денеска во својот кабинет оствари работна средба со претседателот на Стопанска комора на Македонија Бранко Азески. Во рамки на состанокот се разговараше за економските потенцијали на општината и улогата на бизнис секторот во развојот на локалната самоуправа. Во таа насока општина Карпош располага со развиена сообраќајна патна инфраструктура, што претставува еден од основните фактори кои влијаат врз поголемиот економски раст.

Присутните постигнаа заеднички заклучок дека општина Карпош несомнено има потенцијал, да се развие во атрактивна бизнис дестинација за деловните субјекти. Во тој поглед согласно стратегиските документи на општината, постои можност за побрза изградба на урбанизираните локации и поголема искористеност на туристичките капацитети. Според соговорниците, потребите за инвестиции се однесуваат на подобрување на инфраструктурата и бизнис средината, поттикнување и поддршка на економските активности на приватниот сектор и градење на капацитетот на човечки ресурси за вработување, водење бизнис и реализација на општински проекти.

Според последната евиденција од 2021 година, во Карпош постојат околу 4.500 активни деловни субјекти, доминантно во трговијата на големо и мало при што се евидентирани и над 600 компании од преработувачката индустрија и градежништвото, што ја отсликува структурата на стопанскиот развој во оваа скопска општина.