ПРОФЕСИОНАЛНА ПСИХО-ЕДУКАТИВНА РАБОТИЛНИЦА ЗА НАСТАВНИОТ КАДАР ОД КАРПОШ
- февруари 18, 2026
- 0
Денеска, на иницијатива од д-р Камелија Симеонова, Специјалист по детска и адолесцентна психијатрија од приватната болница ,,Аџибадем Систина”, во просториите на Општина Карпош се одржа првата психо-едукативна работилница, наменета за наставниците и стручните соработници од општинските основни училишта. Централна тема на работната сесија беше стручната и применлива интерактивна едукација, насочена кон психолошката стабилност на наставниот кадар. Во рамки на презентацијата, акцентот беше насочен кон прашањето за психолошкиот товар кој го носат наставниците, а дискусијата заврши со кратка размена на меѓусебни искуства од наставната пракса.
Потоа, следуваше осврт на саморегулацијата кај наставниците, додека пак, учесниците на оваа работилница беа запознаени и со практичните техники за смирување во определени ситуации. Во текот на работилницата се разговараше за детектирањето на ризичните состојби кај децата, при што се потенцираше улогата на наставникот како прв препознавач во емоционалните и психосоматските индикатори кај учениците и адолесцентите. Дополнително беше нагласена и важноста од постојана соработка со стручни лица и инстуционалното постапување, како и советодавната улога на здравствениот систем која ќе се применува во моделите на образованието во Карпош.
Психо-едукативните работилници за основните училишта ширум локалната самоуправа, ќе продолжат и во наредниот период. Со ваквиот пристап, Општина Карпош овозможува континуирана поддршка за наставниците и стручните соработници која е особено значајна за јакнење на психолошката стабилност и градење училишна средина исполнета со доверба, грижа и разбирање.









