ПРОМОЦИЈА НА ПРОЕКТОТ ,,ПРВИОТ ЧЕКОР” НА КУД ,,ЦВЕТАН ДИМОВ”
- мај 21, 2025
- 0
Денеска, во холот на ООУ ,,Јан Амос Коменски” беше промовиран проектот ,,Првиот чекор”, кој е во организација на КУД ,,Цветан Димов” за прво одделенчиња. Целта на проектот е децата од најмала возраст да се запознаат и да ја изучуваат македонската култура и народните песни и ора. Малите играорци покажаа што научија изминатите месеци, преку традиционални танци кои се неопходно важни во македонскиот фолклор и музичка традиција.
Имено, овој проект, кој пред се е важен за развојот кај помладата популација, започна во септември оваа година и дел од него се 25 деца од ООУ ,,Јан Амос Коменски”. На промоцијата присуствуваше и првиот човек на Општината, Стевчо Јакимовски, на кого му беше врачена благодарница за досегашната соработка и придонес во културно-уметничкото друштво ,,Цветан Димов”, а на денешниот настан, благодарница за успешна соработка беше доделена и на директорката на училиштето, Татјана Јанкуловска.
-Би сакал да истакнам дека КУД ,,Цветан Димов”, фолклорно ги описменува нашите деца и секоја година ни приредува по некој музички настап кој е задоволство да го гледаш и слушаш. Ние високо ги почитуваме активностите на културно-уметничкото друштво ,,Цветан Димов” и затоа Бранко, кој е кореографот на ова уметничко друштво е и наш почесен граѓанин. Ние ќе продолжиме да го поддржуваме ова уметничко друштво и во иднина ќе им овозможиме повеќе услови за да продолжат да ја негуваат културата и традицијата на народната музика и оро, како и да продолжат со своите бројни активности. – рече Јакимовски.
Културното-уметничко друштво ,,Цветан Димов” ќе продолжи со проекти низ училиштата во Карпош, како еден поттик за изучување на културата и македонската традиција на песни и ора за секое дете.