Големиот уметник Таки М. Павловски  (12.05.1939 – 17.05.2023), кој беше одликуван за заслужен граѓанин на Општина Карпош, денеска постхумно беше промовирана неговата монографија за творештвото на неговата љубов, сликарството. Изданието е насловено ,,Едиција- Таки Павловски – 55 години творештво  (1966-2021) во 17 тома. Претходното издание на монографијата „Едиција – Таки Павловски – 50 години творештво (1967 – 2017)“ во 10 тома беше објавено во 2018 година.

                Локалната самоуправа и Советот на Општина Карпош, на карпошанецот Таки М. Павловски, му доделија финансиски средства во износ од 300.000 денари, како надомест за покривање на трошоците направени за издавање на монографијата.

                На промоцијата присуствуваше и градоначалникот Стевчо Јакимовски, кој истакна дека македонскиот уметник Таки Павловски, пред се беше извонредно  тивок човек со многу мудрости.

-Морам да признаам дека нашиот Таки Павловски прерано не напушти, но останаа дела кои се многу значајни, не само за македонската уметност, туку и пошироко. Благодарение на тогашниот премиер Благој Попов, кој што по негова наредба кога се градел булеварот ,,Партизанска”,  овозможил да се направат ателјеа за околу 65 уметници и архитекти и со тоа го збогати духовниот дел на Општина Карпош. Значењето на големиот Таки Павловски како и неговото творештво  беше причина локалната самоуправа да го прогласи за заслужен граѓанин, што особено ми е драго. И натаму ќе ги поддржуваме ваквите иницијативи и промоции, а тој имаше еден оставен аманет,  едно негово дело да биде во просториите на новата Општинска зграда – истакна Јакимовски.

Покрај промоцијата на изданието, во Музејот на град Скопје од 27 март до 27 април ќе биде поставена изложбата „Таки М. Павловски: Објекти – градби“ (селектирани дела, дел никогаш (не)изложени). Незаборавениот  Таки М. Павловски  оствари значаен придонес во развојот на македонската ликовна уметност и култура и е еден од најистакнатите македонски уметници од својата генерација.