ПРЕТСЕДАТЕЛИТЕ НА СОВЕТИТЕ- РАБОТНО ВО КАРПОШ
- декември 29, 2015
- 0
Општина Карпош и претседателот на Советот на оваа локална власт, Сашо Лазаровски денеска, во втор наврат годинава, беа домаќини на шесттата работна средба на Комитетот на Советите во општините од Скопскиот регион.
На работната средба со која претседаваше Трајче Донев, Претседател на Комитетот на Советите во ЗЕЛС и претседател на Советот на Општина Кисела Вода, пред шест присутни претседатели на советите од општините Кисела Вода, Петровец, Бутел, Сарај, Чучер-Сандево и Карпош беше презентиран Извештајот од шестото Генерално собрание на ЗЕЛС и сите досегашни ангажмани на ова тело во изминатиот период.
Според претседателот Трајче Донев, она што треба да се истакне е што со засилениот ангажман и ентузијазам на претседателите на советите од Скопскиот , но и од сите други плански региони во Македонија, успеа Комитетот на Советите да стане рамноправно тело во рамките на Заедницата на локални самоуправи, исклучително важно и влијателно тело во државата и пошироко.
Имено, од мај до декември годинава, Комитетот на советите, со поддршка на градоначалниците, преку измени на Статутот на ЗЕЛС стана рамноправно тело во оваа асоцијација. Комитетот на Советите во ЗЕЛС, преку своите претставници ќе партиципира на сите нивоа на одлучување во ЗЕЛС. Поточно, девет претседатели ќе учествуваат во работата на генералното собрание, три во Управниот одбор и еден во Надзорниот одбор на ЗЕЛС. Ваквата вклученост на претседателите на советите на општините во телата на ЗЕЛС е од извонредно значење во севкупниот институционален синџир на локалната самоуправа, истакна Донев.
Според претседателот на Советот на Општина Карпош, Сашо Лазаровски, преку ваквата партиципативност на првите луѓе на советите на општините, се олеснува пристапот до меѓународната поддршка и институциите кои во континуитет нудат и прифаќаат проекти иницирани од локалната власт и советите, но нудат и обуки за подигнување на нивото на знаења, вештини, политичка едукација и воопшто институционално кондиционирање на советите во локалните власти. Она што е најважно, нагласи Лазаровски, е што ваквото вклучување во работата на ЗЕЛС е од најголемо значење за граѓаните на Република Македонија. но и за самиот ЗЕЛС кој станува најсилната алка во развивањето на соработката на сите нивоа на локалната самоуправа со централната власт.