Стручни лица од мултинационалната агенција за посредување „Про Футуро Спортс“ со претставништво во Белград, денеска попладне во просториите на ООУ „Војдан Чернодрински“ (Општина Карпош), одржаа опширна презентација на ПФС програмата, која нуди можност за добивање на стипендии наменети за млади талентирани спортисти. Во рамки на средбата присуствуваа кошаркари, фудбалери, одбојкари, тенисери, пливачи и други млади спортисти, кои имаа можност директно да се информираат и да дознаат повеќе детали за начинот и принципите на работа на оваа реномирана агенција.

 

Имено, „Про Футуро Спортс“ – Белград која успешно функционира веќе 15 години на општествената сцена, им нуди помош на младите спортисти на просечна возраст од 10-24 години, добивање на стипендии во повеќе средни училишта, образовни и спортски институции кои се лоцирани во Европа, САД, Канада и Азија. Во досегашниот период на работење, оваа организација испратила преку 4.000 момчиња и девојчиња во 60 различни држави.

 

Методологијата на работа започнува со воведен разговор и запознавање на клиентот со целиот процес. Доколку тој е согласен со предложените услови се подготвува промотивен видео материјал и останати документи. Оттаму, стручниот тим дефинира дали клиентот е кандидат за добивање на целосна или пак парцијална стипендија. На тој начин, апликантот за стипендија официјално станува дел од програмата, во моментот кога ќе го потпише договорот.

Понатаму следува фазата на промовирање на младиот спортист/ка со цел, пронаоѓање на соодветна образовна или спортска институција. Во таа насока, тимот им ги претставува добиените понуди од училиштата, каде што деталите се разгледуваат заеднички со  родителите и децата спортисти. Откако ќе се прифати некоја конкретна понуда, тимот од „Про Футуро Спортс“ влегува во реализација на административната процедура, во која се добиваат сите неопходни финансиски и други документи со кои клиентот стекнува услов за заминување во амбасадата и добивање на студентска виза. Притоа, административната процедура може да трае од еден до неколку месеци, во зависност од комплексноста на самата апликација и документите кои треба да се подготват.

Во улогата на соработници на оваа агенција која има повеќе претставништва во неколку европски држави, се јавуваат познати имиња од светот на спортот какви што се Владе Дивац, Валериј Тихоненко, Радослав Несторовиќ, Жан Табак, Саша Обрадовиќ и други.