Во салата за состаноци во Општина Карпош, претставниците од планерската куќа ТАЈФА Архитекти, денеска ја одржаа првата работилница за планирање на локалитетот на поранешната фабрика Алумина, како дел од процесот пред да биде изработен  деталниот урбанистички план за овој потег, поточно ДУП-от З 06 блок 11.

 

Во рамки на оваа работилница која воедно е нов пристап кон партиципативно планирање на планската документација, учествуваа претставници на граѓански здруженија и невладини организации. По кусото претставување на методологијата на работа, присутните развија фокусирана дебата со распределба на четири улоги: органи на државна управа, стручна јавност, инвеститор и граѓани. На овој начин присутните претставници непосредно придонесуваат во урбанистичкиот развој на овој  простор, конкретно преку своите идеи, предлози и мислења.

 

   Во таа насока, планерската куќа ТАЈФА Архитекти ќе одржи уште две работилници во кои ќе бидат вклучени  стручната фела и  граѓаните, по што планерската куќа ќе изработи извештај за реализираните работилници, кој ќе биде објавен на веб страницата на Општина Карпош.