Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) во соработка со Одделението за детска, социјална и здравствена заштита од Општина Карпош, минатата недела во просториите на Општината одржаа еднодневна обука, која беше наменета за членовите на Советот за социјална заштита на Општина Карпош. Фокусот на работната средба беше насочен кон зајакнување на капацитетите на општинските совети за социјална заштита, односно обезбедување на соодветен одговор на потребите на ранливите групи, преку креирање на општински политики кои се засновани на докази кои се применуваат според принципот на Агендата 2030 – „Никој да не биде изоставен“.

                Инаку, општинскиот Совет за социјална заштита во Карпош е формиран во декември 2022 година и брои 14 членови коишто се со четиригодишен мандат. Во ова тело, согласно законските одредби  членуваат претставници од невладини организации, дел од основните општински училишта, лица од Центарот за социјална работа, како и претставници од полициската станица Карпош, АВРСМ Центар за вработување на Град Скопје и административци од Одделението за детска, социјална и здравствена заштита од Општина Карпош.

                Инаку, во сила е законската обврска според која општините се должни да формираат Совет за социјална заштита и да изработат Социјален план, а согласно динамиката на работата, Општина Карпош е во финална фаза на подготовка на овој стратешки документ.