ПОДИГНУВАЊЕ НА ЕНЕРГЕТСКАТА СВЕСТ
- јули 13, 2016
- 0
Во организација на одделението за енергетска ефикасност на општина Карпош, денеска, во Кинотеката на Македонија се одржа „Информативен енергетски ден“. Стручните лица ги информираа присутните, со активностите кои се дел од проектот за ладење и греење („CoolHeating“), како и со резултатите од досегашното залагање на општина Карпош, како регионален пример за енергетски ефикасна општина.
Акцентот на денешната манифестација се насочи кон подигнување на свеста на граѓаните, за придобивките од користење на мали модуларни системи за централно ладење и греење. Симплифицирано, поентата на овој проект е поврзување на неколку индивидуални или колективни објекти во мрежа, каде, сите би се снабдувале со енергија од еден заеднички извор, кој ќе се базира на принципот на обновливи извори на енергија, (биомаса, соларна енергија, геотермална енергија и отпадна топлина).
Самиот проект „CoolHeating“, подразбира и пренесување на знаења и искуства од заедничките активности помеѓу партнерите од земјите, кои веќе ги користат овие развиени технологии за обновливо централно ладење и греење, какви што се Австрија, Германија и Данска. Целни субјекти во овој меѓународен проект се општината Високо (БиХ), Љутомер (Словенија), градот Шабац (Србија), град Озаљ (Хрватска) и општина Карпош, како единствен партиципиент од Македонија.
За потсетување, Карпош е единствената општина во Македонија, која на локално ниво воведе субвенционирање на енергетски ефикасни градби и примена на обновливи извори на енергија, во системите за ладење и греење. Долгорочно гледано, конкретните придобивки од овој проект за општина Карпош се, разумното искористување на локалните ресурси, одржливиот развој на општината, соработката со другите градови од ЕУ, како и зголемување на можноста за натамошни инвестиции од ЕУ.