Што донесе ребалансот на Буџетот на Општина Карпош?

 

Во духот на новата реалност и сменетите приоритети на граѓаните за време на пандемијата од Ковид 19, Општина Карпош ги усогласи и своите приоритети во активностите кои ги финансира локалната самоуправа.

Така, со усвоениот ребаланс на Буџетот советниците дадоа согласност за зголемување на капиталните инвестиции во сите сфери: инфраструктура (плоштади, платоа,  реконструкција на улици, канализација во ИТ опрема на училиштата и во одржување на хигиената во услови на пандемија и здраствената превентива.

Капиталните инвестиции се зголемуваат за околу 25 милиони денари односно од предвидените 235.704.000 на 260.804.000 денари. Веднаш по нив, видно се зголемени парите од Буџетот кои ќе бидат наменети за хигиена и дезинфекција од 800.000 на 4.000.000 денари кои ќе одат за  општинските потреби.

                Десетте основни училишта кои работат на територијата на Карпош од Општината ќе добијат донација за дезинфекција и хигиена во износ од двa милиони денари, а од блок дотациите кои ги дава државата за нив, наместо 400.000 денари ќе добијат петкратно повеќе, односно 2.000.000 денари токму за оваа намена.

                Новиот начин на учење во школите обуслови и прераспределба и зголемување на финансиите кои ќе одат во ИТ опрема и тоа со овој ребаланс ќе биде од 335.000 денари на 1.335.000 денари. Од општинската каса, од делот на субвениции ќе биде даден и еден милион денари за обезбедување на лап – топи за школите.

Поединечно, одделните сектори и одделенија во рамки на локалната самоуправа направија рационализација на  трошоците и  од тековните проекти и од програмите за 2020 година. Така речиси е преполовен буџетот за образование од над 14,5 милиони денари на нешти над 7 милиони денари. Ужинките за децата кои сега веќе нема да бидат присутни на училиште ќе се сведат од 3,6 милиони на 1,2 милиони денари. Парите за школскиот превоз од 4,5 милиони се сведуваат на 1,5 милиони денари, целосно е скусено и плаќањето на летните школски одмори за 1,75 милиони денари, како и хорскиот натпревар и некои образовани проекти.

Кусење на трошоците има и во културата и спортот и тоа кај организацијата на Карпошово културно лето од 5.750.000 на 3.000.000  денари, во спортот кај турнирот „Сокол“ од 19.200.000 на 3.000.000 денари.

                Затоа пак локалните власти во ребалансираната каса за претстојниот период драстично ги зголемија трошоците за социјална заштита на своите граѓани и тоа за 50  насто, односно од 2.000.000 на 3.000.000 денари. Ова се пари кои ќе одат за справување со пандемијата, за лицата кои се наоѓаат во социјален ризик и за лекување на карпошани, односно вкупната сума за социјала во Карпош од 4.385.000 денари, сега ќе изнесува 5.385.000 денари.

                Ваквиот ребалансиран буџет на локалната самоуправа доби поддршка од советниците на Општина Карпош на денешната 44 седница на Советот на кои беа ставени на разгледување 25 точки со одлуки и прашања од значење за граѓаните на Карпош.