ПЛОШТАДОТ ВО ЖДАНЕЦ БЛЕСНА СО СИОТ СВОЈ СЈАЈ
- октомври 13, 2016
- 0
Пред големиот број на присутни граѓани на населбата Жданец, вечерва, свечено со пригоден говор градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски го предаде во употреба новоизградениот плоштад во ова населено место.
Првиот човек на Карпош, исто така потенцираше дека на барање на локалните жители на Жданец, заедно со плоштадот се реконструирани и скалите кои водат до оваа населба.
– Целиот овој инфраструктурен проект во кој е вклучен урбан плоштад со креативни елементи, и реконструирани скали со цветни жардиниери и корпи за отпадоци, чини околу осум милиони денари, пари обезбедени од буџетот на локалната самоуправа. Нашата намера е да изградиме што поголем број на вакви урбани катчиња во кои граѓаните на Карпош ќе може да се одморуваат, да рекреираат и да се забавуваат. Особено задоволство ми претставува што жителите на Жданец, како и на соседната населба Трнодол, ќе можат да уживаат во овој прекрасен плоштад, истакна општинскиот татко Стевчо Јакимовски.
Градоначалникот на Општината Стевчо Јакимовски, напомена дека во Карпош се изградени голем број на плоштади, како што е плоштадот ,, Делфина“ во населбата Влае, плоштадот на ,, Млечен“, новоотворениот плоштад во Бардовци, како и предвидените плоштади, кои во скоро време ќе се изградат спроти студентскиот дом ,, Гоце Делчев“, и во населбата Карпош 3, спроти Воената болница.
– На овој начин, ние како локална самоуправа, сакаме во сите Урбани заедници во нашата Општина да изградиме јавни парковски површини и плоштади, каде што граѓаните ќе може да се рекреираат, да се дружат и да излегуваат на прошетки преку ден, како и навечер, без да мора да одат во централното градско подрачје, нагласи Јакимовски.
Првиот човек на Карпош, Јакимовски, потенцираше дека во Општината функционираат десет основни училишта, четири градинки, Драмски театар, четири приватни универзитети, државни универзитети, најголемиот трговски центар во Републиката ,, Скопје Сити Мол“, како и С.Ц ,, Борис Трајковски“, со што Карпош претставува своевиден град во Градот Скопје, со сите предвидени инфраструктурни услови кои им се потребни на граѓаните за живеење.