Во организација на Одделението за култура и спорт при Општина Карпош, денеска на игралиштето на ФК „Алумина“ во населбата Карпош 3 се одржаа единаесеттите по ред традиционални „Пензионерски игри 2022“. Станува збор за еднодневен рекреативен настан во кој се натпреваруваа лицата од трето доба, кои воедно се членови на здруженијата на пензионери „Карпош“ и „Тафталиџе“, лоцирани на територија на локалната самоуправа.

 

По двегодишна пауза поради ковид пандемијата, највозрасните сограѓани повторно другаруваа и се натпреваруваа во изведување на пенали, а ги одмерија своите сили и во пикадо, фрлање ѓуле, трчање на 40 и 60 метри, додека пак мажите се натпреваруваа во дисциплината скок во далечина.

 

Во рамки на овој спортско – рекреативен настан присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој во оваа пригода ги поздрави присутните и им посака пријатна дружба, притоа напоменувајќи дека локалната самоуправа и понатаму ќе се грижи за својата повозрасна категорија на граѓани.    

 

  • Ме радува што сеуште сте со добро здравје и ведар дух. Целта на овие пензионерски игри е дружењето, да поразговараме за работите кои вам ви се важни и да покажеме дека во нас преовладува желбата за пријателство и позитивна енергија. Ви посакувам пријатен ден и ги прогласувам овие игри за отворени – додаде Јакимовски.

 

Општината и во наредниот период ќе гради отворен однос на поддршка кон здруженијата на пензионери, заради подобрување на условите на социјализација како и на нивниот животен стандард. Во таа насока, локалната самоуправа организира  традиционални посети на луѓето кои престојуваат во домот за стари лица „Мајка Тереза“ во Злокуќани, обезбедува финансиска и материјална поддршка за постарите сограѓани кои се наоѓаат во потешка социјална состојба и преку учество во проект на Црвениот Крст, обезбеди нега на стари и изнемоштени лица во домашни услови.